„Го ценам тоа што осуммина обвинети денеска признаа вина во предметот ‘Титаник’ и тоа е голема олеснителна околност“, рече обвинителката Лиле Стефанова на рочиштето за овој предмет на згаснатото СЈО во кој се обвинети поранешни функционери од власта на ВМРО-ДПМНЕ за изборни измами и злоупотреби.
Стефанова додаде дека смета оти судот ќе ја цени нивната одлука да признаат вина иако, рече, имаат отежителни околности.
Таа наведе дека обвинетиот Мартин Протоѓер е невработен татко на три деца кој има и здравствени проблеми, но кој беше присутен на рочиштата. Стефанова побара судот да изрече казна според законот, но и да ги искористи одредбите според кои казната може и да се намали и услови. Таа забележа дека за него не се води друга судска постапка и дека нема сторено друго кривично дело.
Обвинителката побара и за Миле Јанакиески да ги цени олеснителните околности и да изрече ублажена казна.
За Гордана Јанкулоска Стефанова оцени дека отежнителна околност е што била министерка за внатрешни работи, но дека сепак во функција на ублажување и условување на казната треба да се имаат предвид здравствената состојба и семејниот статус како мајка.
Обвинителката побара и за обвинетата Билјана Бришковска-Бошкоски ублажување на казната и нејзино условување, истакнувајќи дека таа пред судот дала впечатлива изјава и дека има и други семејни и здравствени околности.
Вина денеска признаа уште четворица обвинети. Примена на законските одредби за ублажување и условување на казната обвинителката побара и за Катерина Беловска, Киро Тодоровски, Мунир Пепиќ и Коста Митровски.
За останатите кои не признаа вина судскиот процес процес ќе почне по третпат одново поради смена на поротник, меѓу кои се обвинетите поранешниот пратеник Илија Димовски и екс функционерот. Кирил Божиновски.
Првообвинет во случајот „Титаник“ за изборни измами и злоупотреба на службената положба е поранешниот премиер Никола Груевски кој е и натаму во бегство. Колку што се знае, Груевски се наоѓа во Унгарија чии власти му дадоа азил, откако тој под неразјаснети околности избега од Македонија откако во 2018 година требаше да започне со издржување на затворска казна во траење од две години за вина во случајот на СЈО „Тенк“, за незаконската набавка на луксузен и блиндиран автомобил „мерцедес“ за службени потреби.






