Двајцата адвокати пред судот посочија дека нивните клиенти немале законски надлежности ниту фактичка моќ да влијаат врз пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, за време на концертот на ДНК, кога загинаа 63 лица.
Миланов нагласи дека вистинските виновници не се опфатени со обвинението.
„Вистината во ова обвинение е дека за тој што го предизвика пожарот немате обвинение. Според обвинението, причината е непромислено однесување на две лица од изведувачот, но за употребата на пиротехнички средства знаела целата група“, рече тој.
Тој додаде дека причината за пожарот е недозволена употреба на пиротехнички средства во затворен простор.
„Ќе докажеме дека нивната непромисленост доведе до трагедијата, при што тие ги загубија животите, а со себе повлекоа над 50 недолжни лица и предизвикаа повреди кај повеќе од 200“, истакна Миланов.
Од правен аспект, адвокатот посочи дека членот 288 од Кривичниот законик не може да се примени врз службено лице.
„Нема елементи на сторување ниту причинска врска со функцијата директор на ДЗС“, додаде тој.
Миланов потсети дека од 2009 година во Кочани нема инспектор на ДЗС, но дека тоа нема врска со случајот, како и дека до ДЗС никогаш не била доставена проектна документација за „Кабаре Пулс“.
„Обврска на Дирекцијата е да постои годишен план што се доставува до Инспекцискиот совет, но директорот ниту го изготвува ниту го одобрува. Овие планови се прифатени во периодот кога директор беше Беким Максути“, рече Миланов.
Во однос на тезата за системски пропусти, тој нагласи дека Максути е само дел од системот, а не негов носител.
„Обвинението се обидува да ја прикаже теоријата за системски пропусти, но системот сме сите ние што ги спроведуваме законите. Не може за Максути да се каже дека е извршител на системот“, посочи адвокатот.
На крајот, Миланов истакна дека нема ниту еден факт што го поврзува Максути со трагедијата.
„Нема каузалитет девет месеци по престанувањето на неговата функција. Нема никаква негова поврзаност со трагедијата за да опстои во обвинението“, рече тој.
Максути не даде дополнителни коментари и се согласи со воведниот збор на својот бранител.
До сега сите 25 обвинети и нивните адвокати пред судот велат дека немаат никаква врска со пожарот во Кочани.
На 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Судењето продолжува утре со воведни говори на последните десет обвинети лица.






