На состанокот, на кој се разговарало за подобрување на независноста, ефикасноста и матерјалниот статус на судиите, како што информира службата за односи со јавноста на Судскиот совет, било дискутирано и за неопходноста од екипирање на судовите, како со судии, така и со стручни служби.
„Беше истакнато дека во иднина мора да се стави фокус на овој сегмент од судството за да можат судовите да бидат поефикасни и поажурни. Определбата за нов кадар во судството станува приоритет и важна задача на Судскиот совет и на Здружението на судии“, се вели во соопштението.
Во врска со анализираните состојби било потенцирано дека судството има капацитет и знаење да изгради независен, ефикасен и транспарентен систем, со цел да овозможи правда за граѓаните, а со тоа да ја зголеми нивната доверба во судството.
„Беше нагласено дека интегритетот и стручноста на судиите се важни елементи кон обезбедувањето брза и ефикасна правда и дека активностите на Судскиот совет и на Здружението на судиите се во тој правец“, се наведува во соопштението.






