Првостепената судска постапка заврши само за двајца, но само за фотографии и видеа во кои има порнографски материјал на малолетни деца. Според Судот, било потврдено дека детето кое учествува во чин на полово општење во порнографската содржина нема повеќе од 5 години.
Дарко Костовски и Михаил Пановски иако имале обврска да го избришат видеото, не го сториле тоа ниту го банирале членот на „Јавна соба” што го споделил видеото.

За злоупотребените фотографии, лични податоци, телефонски броеви… на полнолетни девојки и жени, ниту еден не излезе пред лицето на правдата. Како поминува времето, се чини дека ниту еден од над 12.000-те члена ниту ќе го видиме, ниту ќе го дознаеме, ниту пак ќе биде казнет, а тоа ќе биде лош пример и нема да ги одврати оние што во иднина би посегнале да злоупотребат податоци.
Светла точка во цела оваа темна приказна за уништените животи и жигосувањето на девојките и жените донесоа и измените во Кривичниот законик, во којшто требаше да влезе и кривичното дело демнење, но за сега ни од тоа нема многу надеж бидејќи донесувањето на овој закон заглави во Собранието.
Во моментов Предлогот на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик е во прво читање. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите одржа јавна расправа на 15 декември 2021. На 7 март годинава овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик не бил разгледан.

Надежни беа и изјавите на надлежните уште во февруари 2020, кога се појави првата ваква група, односно сите ги поддржуваа правата на жените, заштитата на нивната приватност, но очигледно нешто не чини кога буквално секој може да отвори група, да злоупотреби фотографии, да уништи живот на девојка или жена, а за возврат наместо казна, да не добие ни повик за на распит, бидејќи никој од оние што треба да го повикаат го немаат нивниот идентитет.
Дел од материјалите што се споделувале меѓу членовите биле приватни фотографии и видеа, кои некогаш девојките им ги праќале на своите партнери или поранешни сопрузи.
Од Обвинителството велат дека за предметот во јавноста познат како „Јавна соба 1″, беше поднесено обвинение против две лица за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија, предвидено во член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За наведените лица беа обезбедени докази за стореното кривично дело како креатор и администратор на групата, која подоцна беше згасната. Судскиот процес заврши со првостепена пресуда.
„Предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка. Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27.1.2021 година се обрати до меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм, за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа Телеграм не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група. Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош за да ги побара неопходните податоци. До овој момент не е пристигнат одговор на ова барање”, стои во последниот одговор на Обвинителството во врска со овој случај.
Обвинителството за да постапува, ги нема основните податоци.

Сличен ваков случај беше и оној во кој се појави група во која се објавуваа голи фотографии на девојки и жени од ромска националност. Основното јавно обвинителство Скопје оформило предмет, кој е во предистражна постапка.
Издадена е наредба до Министерството за внатрешни работи како надлежен орган за откривање на идентитетот на објавувачот на содржините. По наредбата се постапува.
Откако на мрежата Телеграм беа отворени групите, голем број девојки и жени чии фотографии беа украдени од социјалните мрежи, а под нив беше пишувано дека нудат сексуални услуги, беа вознемирувани, им беа упатувани погрдни зборови, имаа проблеми, осуда од општеството…
За жртвите се ангажираа и психолози од целата земја, кои им понудија бесплатна помош и поддршка, но сѐ почна и заврши тука. Институциите што треба да им дадат сигурност и безбедност на жените и девојките дека сторителите ќе се казнат две години не го сторија тоа. Образложенијата се дека се искористени сите правни механизми, но Телеграм не попушта и не ги дава податоците. Се чини дека и онака поткопаната доверба во правосудниот систем, овие случаи и фактот дека има само двајца казнети, уште повеќе ја поткопуваат и се зголемува недовербата на граѓаните во правосудните органи.
И се чини дека за сега овој случај остана само на психолошко советување на жените и девојките, но и на срамот и линчот што го трпат од средината во која живеат и која често знае да ги осуди. За сега случајот е далеку од судско решавање.
И додека надлежните постапуваат, се чини дека оние што ги креираат и кои се членови на ваквите групи уште повеќе се охрабруваат со оглед дека од 6.500 члена на првата и 5.600 на втората Јавна соба само двајца се опфатени со пресуда.
К. Додевска






