Овие комуникации, според Боки 13, се поврзани со предметот на обвинението за случајот Меѓународен сојуз.
„Мојата одбрана како и одбраните на другите обвинети лица бараа од судот првично да се изведат материјалните докази од телефонот, па потоа предложените и прифатени сведоци да бидат испитани на рочиште за главна расправа.
Поради бруталното кршење од страна на Основниот кривичен суд Скопје и судијата Софче Гаврилова Ефремова на пропишаната законска процедура, согласно одредбите од Законот за кривична постапка и загарантирантите уставни права го упатувам ова отворено писмо и апел до сите горенаведени.
Укажувам дека јас и другите обвинети лица во постапката не се откажавме, ниту ќе се откажеме од испитување на сведоците Зоран Заев, Стефан Богоев, Мила Царовска, Александар Кирацовскки, Горан Сугаревски, Наташа Петровска и други. Бараме прво да бидат изведени доказите од мојот телефон, па потоа да ги испитуваме горенаведените сведоци, бидејќи само на тој начин ќе може точно да се утврди фактичката состојба. Сведоците, иако сведочат под заклетва пред судот, познавајќи ја структурата на личноста на поедини сведоци, нужно е да им се презентираат материјалните докази претходно изведени пред судот.
Со овој грозоморен и крајно тендензиозен чин судот сака да ги амнестира од одговорност Зоран Заев и лица блиски до него. Тоа е однапред договорена агенда, па во тоа име се случува оваа правна рашомонијада, судски театар и незаконито постапување и прескокнување на фази во постапката на штета на обвинетите. Воедно судот безрезервно ја штити Вилма Русковска од сите нејзини незаконски дејства и злоупотреби и не ми дозволува да ги изведам доказите поврзани со неа и нејзиниот тогашен заменик, а сегашен виш јавен обвинител Наум Пановски.
Стооооп чесен суде! Запрете со вашето насилие од позиција на моќ. Стооооп чесен суде! Престанете да бидете продолжена рака на власта, застанете и пробајте барем малку да го обелите црниот образ на македонското правосудство. Погледнете го фактот дека граѓаните имаат најмалку доверба во правосудниот систем. И оние малку чесни судии, за жал, се ставени на столбот на срамот поради сервилните, корумпираните политички диригираните судски власти.
Апелирам до судијата Софче Гаврилова-Ефремова да ја промени одлуката и да дозволи да се изведат докази од мојот телефон, па потоа да се повикаат сведоците да бидат испитани согласно закон.
Според сите законски одредби доказната постапка не е завршена, таа не е желботека на судијата, па да може да прави што сака со постапката која ја води. Апелирам до судијката да не ја злоупотребува својата службена положба и овластување поради и повеќе од очигледната политичко судска спрега. Апелирам до судијката да престане да го повредува правото на одбрана, да не го крши флагрантно начелото на фер баланс и еднаквост на орудијата на страните во постапката и да не го крши грубо начелото на правично судење.
Апелирам и ви велам чесен суде, амаааан вратете ми го телефонот и дозволете ми да ги изведам доказите. Зарем не ви се смачи да им служите на политичките ништожници и толку да се бламирате и да ја валкате судиската функција.
Апелирам до Иван Џолев да престане со влијанијата и притисоците кои доаѓаат од неговиот властодавател Зоран Заев и да престане да испорачува постапки и пресуди по заевистички модел. Џолев само нека види каде е сега неговиот претходник кој верувам дека има многу помали гревови и незаконски дејства од самиот Џолев.
Апелирам до претседателката на Судскиот совет и до сите членови со внимание и активно да ја следат оваа судска катастрофа и да ги преземат сите расположиви законски средства за спречување на ова судско насилие и кршење на правосудната библија, а тоа е ЗКП.
Аргументи и факти имате и повеќе од потребно, а дали имате волја и чесна намера останува да видиме“, вели Јовановски во своето писмо во кое ги повикува граѓаните в петок, на 11 февруари во 10 часот пред Основниот кривичен суд во Скопје на закажаното рочиште за случајот Меѓународен сојуз. „Дојдете да видиме дали судиите судат во името на граѓаните или пак судат во името на политичките крадци и криминалци!“






