„Врховниот суд на Република Северна Македонија по повод донесената пресуда по предметот Квп2 177/2021 од 09.02.2022 година ја информира јавноста дека ja укина пресудата на Апелацискиот суд Скопје КЖ.бр.746/2020 од 14.07.2021 година, поради сторени повреди на одредбите на Законот за кривичната постапка во однос на неодржување на јавна седница пред Апелацискиот суд, иако тоа го барал обвинетиот во изјавената жалба, со што е сторена повреда на член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права. Апелацискиот суд бил должен да ја следи судската пракса на Врховниот суд на Република Северна Македонија, како и да ги почитува и применува одлуките на Европскиот суд за човекови права, се наведува во денешното соопштение од Врховен суд.
Имајќи ги предвид основните принципи врз кои се темели кривичната постапка, како и прифатените стандарди на Европскиот суд за човекови права, Врховниот суд на Република Северна Македонија, како што стои во соопштението, има донесено заклучок од 07.12.2021 година за одржување јавна седница пред второстепен суд, кој е и достапен на веб- страницата на судот дека: „По предметите што во судот се заведени по поднесена жалба, а кои се водат по обвинителен предлог, второстепениот суд е должен да ги достави поднесоците од едната страна на увид и на одговор на другата страна заради почитување на принципот на „еднаквост на оружјата”, а јавна седница ќе се одржи доколку е истакнато барање за јавна седница во жалбата, или во одговорот на жалбата”, велат од Врховниот суд.
На овој начин според судот се запазува конзистентност во постапувањето, со доследна примена на конвенциското право и меѓународно прифатените стандарди за човекови права, а во насока на обезбедување на правна сигурност и јакнење на довербата на јавноста во правосудниот систем.
Во секој случај, преку начелото на јавно судење и можноста која му се дава на обвинетиот да даде исказ пред Апелацискиот суд се остварува и целта за гарантирање на правотo на одбрана на обвинетиот Тирс и други против Сан Марино…, се наведува во соопштението.
Со оглед на наведеното, како што посочуваат од Врховниот суд, остварувањето на правичноста на постапката претставува централен фактор во процесот на одлучување на судовите во решавањето на предметите.
Коментарите, изјавите и критиките, се дел од секое современо, демократско општество, меѓутоа тоа не смее да ја засени одговорноста за зачувување на независноста и непристрасноста на судството, за постапување во согласност со законите, како и со меѓународните инструменти и стандарди, што наметнува обврска на сите институции, како и на општеството во целина. Јавноста, како и медиумите имаат важна улога во зачувување на независноста и непристрасноста на судството и на принципот на владеење на правото, што претставува неопходен предуслов за зачувување на довербата на јавноста во судството, се вели во соопштението од Врховниот суд.
Врховниот суд ја укина пресудата на Основниот суд во Велес и на Апелацискиот суд во Скопје, со кои порашниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски беше осуден на затворска казна заради злоупотреба на системот за распределба судски предмети АКМИС.






