понеделник, 19 јануари 2026

Православните верници го слават Водици, главните манифестации во Скопје и во Охрид

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Објавено на

часот

Сподели

И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Како што изјави за МИА отец Благоја од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје годинава се пријавени околу 160 граѓани, кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар.

Пријавувањето за учество на манифестацијата „Водици 2026“ беше од 3 до 16 јануари зад соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Митрополијата.

„Оние што се во ред со здравјето може да учествуваат на манифестацијата „Водици“. Има голем интерес и досега се пријавени околу 160 граѓани. Малолетници можат да учествуваат со дозвола од родител и со потврда од спортска медицина и ќе треба да присуствуваат со родител. Потребни се лична карта и потврда од спортска медицина, заверка на картоните на самиот ден – 19 јануари. Во 7:30 часот, секој што е запишан и има добиено картонче за учесник да дојде зад храмот ‘Рождество на Пресвета Богородица’, каде ќе се стави печат на картоните и само така ќе бидат пропуштени од МВР покрај реката Вардар за да учествуваат во манифестацијата“, рече отец Благоја. Тој посочи дека дел од учесниците постат и сакаат да се причестат пред спуштањето на светиот крст. Оној што прв ќе стигне до крст ќе биде соодветно награден од МПЦ.

Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе богослужи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.

По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе почне „Водосветот“, а потоа околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан ќе го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар.

Во Охрид централната богослужба ќе се одржува во црквата „Успение на Пресвета Богородица“  –  Каменско. Богослужби ќе има и во црквите „Св. Никола- Геракомија“ од каде и потекнува и оваа традиција, „Св. Никола“ во  Долна Влашка Мала и „Св. Ѓорѓија“ во Горна Влашка Мала. Во 9:45 часот литиите од сите цркви ќе тргнат кон Градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и ќе се положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Оваа година првпат водите на Охридското Езеро ќе ги освети и во нив Чесниот крст ќе го положи новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј. Најавено е присуство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ