Од 6 часот утринава, денеска сообраќајот кон градските гробишта Бутел се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул. „Александар Урдаревски“, лево по ул. „Боца Иванова“ и десно до влезот на гробишта Бутел. За излез од гробишта – десно по ул. „Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул .„Бутелска“ и десно по ул. „Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На Задушница се оди в црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните и се молат за покој на душите на упокоените.
Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде преминала и во повеќето православни цркви. Црквата го прави овој помен секоја година во митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (8 ноември).






