среда, 14 јануари 2026

Православните христијани денеска слават три празници во еден ден

На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници, Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Објавено на

часот

Сподели

Обрезание Господово e на осмиот ден по Божик ‒ денот на Христовото раѓање. Имајќи предвид дека празникот на Христовото раѓање не е од најстарите Господови празници, дека најпрво споменот на Христовото раѓање бил слеан во Богојавление, денот на неговото крштевање, (односно на неговото духовно раѓање), и дека подоцна тој настан е поврзан со денот 25 декември, може да се рече дека и денот на Господовото обрезание подоцна е ставен на осмиот ден по раѓањето.

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска.

Роден е во овој град, во 329 година, од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сè уште го споменува. Умрел на 1 јануари 389 (според некои 379) поради што црквата секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ