вторник, 24 февруари 2026

Право, безбедност или привилегија: како проценката за ризик го промени притворот на Артан Груби

Куќен притвор наместо затворски, за поранешниот прв вицепремиер и министер за односи со заедниците, Артан Груби, осомничен за проневера на околу осум милиони ева, ја крена на нозе јавноста. Додека дел од институциите си ја префрлаат одговорноста, директорот на КПУ Затвор Скопје, Бобан Утковски јасно стави до знаење дека државата е должна да ја гарантира безбедноста, а тој како директор цврсто ја гарантира безбедноста на секој еден притвореник вклучително и осомничениот Груби.

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за внатрешни работи (МВР) собира оперативно-безбедносни информации, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) прави проценка на евентуални закани, затворот обезбедува услови, Управата за извршување санкции и Министерството за правда вршат контрола на условите во затворот, јавниот обвинител предлага мерка, а судијата на претходна постапка носи конечна одлука. Вака генерално изгледа сликата за тоа кој ја прави проценката на безбедносен ризик при одлучување дали на едно приведено, осомничено лице ќе му биде определена мерка затворски притвор или пак домашен притвор.

Според Законот за кривична постапка, пред да биде определен затворски притвор судијата мора да утврди дали притворот е неопходен, дали постојат поблаги мерки и дали иречената мерка е пропорционална. Тоа значи дека судот мора да внимава на здравствената состојба, на безбедносниот ризик и на ранливоста на осомничениот. Ако постои ризик по животот или здравјето на осомничениот, судот може да не изрече мерка притвор, да одреди домашен притвор или да наложи посебни услови.

„За време на издржување на мерката притвор не смее да се повреди достоинството, се применуваат само нужни ограничувања, лицата мора да бидат одвоени по ризик категории, може да бара индивидуална просторија. Судот може да одреди куќен притвор кога целта на притворот може да се постигне без затворски услови, постојат специфични лични или безбедносни околности“, пишува во Законот за кривична постапка.

Ова е всушност директната законска основа за користење на аргументот дека ако безбедноста не може да се гарантира безбедноста на осомничениот, тогаш судот мора да реагира на тој начин што ќе определи поблага мерка.

Според праксата, куќниот притвор обично се комбинира со 24-часовен надзор, како што е во случајот со Груби, електронско следење и забрана за контакти.

Исто така според ЗКП, судот не може да изрече построга мерка од онаа што ја предложило Јавното обвинителство.

Според Европска конвенција за човекови права, државата е целосно одговорна за животот и безбедноста на лице лишено од слобода, дури и ако опасноста доаѓа од други притворени лица.

Проценката на ризик помеѓу чеканот и наковалната

Според Законот за извршување санкции, затворот мора да изврши безбедносна класификација, проценка на ризик од насилство, физичко одвојување и посебен режим ако постои закана по некој осомничен за кој е побарано определување мерка притвор. Ако ова не може да се обезбеди тогаш се создава правна основа за изрекување друга побалга, алтернативна мерка.

Безбедноста на затворот ја гарантираат државата, управата на затворот и затворската полиција, Министерството за правда или Управата за извршување на санкциите врши надзор и контрола. Јас цврсто ја гарантрам безбедноста на секој притвореник, вклучувајќи го и Артан Груби, вели во изјава за МКД.мк директорот на КПУ Затвор Скопје, Бобан Утковски откако Обвинителството предложи, а судот прифати на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби осомничен за проневера на околу осум милиони евра, да му биде определена мерка куќен притвор наместо затворски, затоа што во затворот „Скопје“ не му била гарантирана безбедноста.

„Безбедност на затвор е состојба во која затворската установа е органзирана и заштитена така што се спречува бегство на притворениците, се одржува ред и дисциплина внатре, се заштитуваат вработените, притворенциите и посетителите, се спречуваат насилство недозволени предмети и криминални активности. Се гарантира сигурноста на општеството надвор од затворот. Тоа значи комбинација од физичка заштита (ѕидови, решетки, камери) организациски мерки (правила, контроли, претреси) и службена контрола (затворска полиција и персонал). Безбедноста на затворот ја гарантираат државата – преку законите и институциите, управата на затворот – директорот и раководството, затворската полиција -службата за обезбедување која директно ја спроведува безбедноста. Министерството за правда или надлежната управа (Управата за извршување санкции) врши надзор и контрола. Други безбедносни служби се (по потреба) полицијата или специјалните единици при ризични ситуации. Со еден збор, државата ја гарантираа безбедноста, а затворската служба ја  спроведува во пракса. Јас цврсто гарантрам дека безбедноста е загарантирана за секој еден притвореник, вклучувајќи го и Артан Груби“, изјави за МКД.мк, директорот на КПУ Затвор – Скопје, Бобан Утковски.

Освен на законите, Утковски уште упатува и на Уставот кој во неколку членови го гарантира физичкиот и моралниот интегритет на човекот, неговата слобода, и почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, достоинството и угледот, кои според Уставот се неприкосновени.

„Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување. Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на суд и во случаи и постапка утврдени со закон. Се гарантира неповредливост на личниот и семејниот живот“, пишува во Уставот на Република Македонија.

Сите бараат одговорност, никој не е „виновен“

Изјавите на Јавното обвинителство, затворската управа и Министерството за правда открија судир меѓу правните стандарди, безбедносните проценки и јавната перцепција за еднаквост пред законот.

Според Обвинителството, за куќниот притвор на Груби, „виновни“ се МВР и АНБ кои процениле дека на Груби не може да му се гарантира безбедноста во затвор.

„Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи. Согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка. За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело проневера во службата. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид. Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, велат од Јавното обвинителство.

Ниту од МВР ниту од АНБ засега нема официјална реакција на соопштението на Јавното обвинителство.

Министерот за правда Игор Филков пак, денеска побара од Обвинителството и судот да кажат зошто го пуштија Груби во куќен притвор. Тој ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници, да го разгледаат овој случај и да утврдат дали има основа за одговорност кај судијата и јавниот обвинител кои што предложија и прифатија на Груби да му се определи мерката куќен притвор.

„Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но кога одлуките отвораат сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност“, рече Филков.

Министерот рече дека јавноста има право да знае како лице кое 14 месеци било во бегство, за кое има ризик од бегство, добило куќен притвор и кои се правни аргументите за ваквата одлука.

„Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување. Јавниот обвинител Даниел Коцев треба да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи даде позитивно мислење за замена на притворот? Раководителот на обвинителството Анел Фидоски да каже дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот? Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски да каже под кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно? Попусто носиме закони ако не се спроведуваат. Попусто зборуваме за реформи ако практиката ја урива довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип“, рече Филков.

Секоја партија дели своја правда 

Лице кое повеќе од една година било недостапно за органите на прогонот, што претставува најсилен можен доказ за ризик од бегство, добива поблага мерка. Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас, води кон негово олеснување, се наведува во денешното соопштение на Левица.

„Одговорноста за оваа одлука е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, која важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител. Станува збор за обвинителка која во минатото бараше пад на предметот Талир, случајот за нелегално финансирање на ДПМНЕ. Дополнително, нејзините блиски политички релации, како сопруга на ексминистер од истата партија не беа пречка за нејзино позиционирање. Денес гледаме како изгледа тој избор во пракса и по налог на политички пазар – олеснителна мерка за лице кое 14 месеци било во бегство. Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен“, велат од Левица.

За ВМРО-ДПМНЕ одлуката за домашен притвор за Груби е на обвинителството, за СДСМ тоа е потврда за договор

Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со два посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ откако вечерва на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби му беше изречена мерка куќен притвор. За СДСМ пак, куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено.

„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и ‘вртеше’ телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката ‘лопов вели држете го лоповот’. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога ‘исплашените’ од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби”, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ пак, куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено.

„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор? Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му де одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио. Ништо не е случајно.  Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) позитивно ја оцени одлуката на Артан Груби да се врати во земјата, со што се создава можност преку транспарентна, правична и непристрасна постапка да се изнесат сите аргументи и да се разјаснат сите прашања.

„Очекуваме процесот да се одвива во согласност со највисоките стандарди на владеење на правото – со високо ниво на транспарентност во интерес на јавноста, но пред сè со целосно почитување на презумпцијата на невиност и со заштита на индивидуалните права и слободи. Остануваме непоколебливи во ставот дека правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и без политички влијанија. Само правична и професионална постапка ѝ служи на вистината, на институциите и на довербата на граѓаните.Имајќи го предвид високиот политички и јавен интерес за овој случај, партијата внимателно ќе го следи процесот во сите негови фази“, соопшти ДУИ.

Коалицијата Вреди беше првата која се огласи по приведувањето на Груби. Нивното клучно прашање е дали Груби ќе  го зададе фаталниот удар на Ахмети и на ДУИ.

„Црната кутија за владеењето на ДУИ, конечно, се предаде. Артан Груби е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ. Затоа Мала Речица се тресе од страв бидејќи не знаат за што сè е подготвен да проговори Артан.

Откако ДУИ катастрофално изгуби на локалните избори и паднаа во вода сите лажни ветувања на Ахмети за предвремени избори и наводен влез во Владата, на Артан не му останува ништо друго, освен да се соочи со сопствените гревови. Но, кој сè ќе оди курбан заедно со него – допрва ќе видиме“, се вели во соопштението на Вреди.

Синоќа, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по произнесување на поранешниот прв вицепремиер и министер за односи со заедниците, Артан Груби кој претходно беше спроведен во судот, донесе решение со кое го прифати предлогот на надлежниот јавен обвинител и на одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување присуство против осомничениот. Претходно, на Груби му беше изречена мерка притвор откако тој избега од Македонија непосредно по почетокот на полициската акција во која беа уапсени други осомничени за случајот „Државна лотарија“ кој се однесува на сомнежи за проневера на околу осум милиони евра државни пари.

Искра Опетческа

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ