Сојузот на здруженија на пензионери на град Скопје во 2016 година, со Законот за легализација на градбите го легализира (т.е. го откупува) објектот, според можноста што ја имаше дадено тогашната влада – „едно евро за квадрат“. Така практично градскиот сојуз на пензионери, станува сопственик на објектот, наведен во имотен лист бр. 1391 за КО Катланово, кој е речиси целосно девастиран практично до карабина. Во јуни 2020 година, Сојузот склучува договор за закуп со Ѓорѓи Манасков, во времетраење од 30 години, со обврска закупецот (инвеститорот) да го реновира и да го стави во функција до 1 јануари 2021 година. Во една од точките од договорот се наведува дека „закупецот има право да изработува проекти на имотот на закуподавачот и на неговиот имот да гради, реновира и доградува“, но и дека „закуподавачот во случај кога ќе се реши да го продава имотот, објектот задолжително ќе мора да го продаде на закупецот, а воедно ќе ја има предвид инвестицијата, која е вложена, севкупно од почеток пред да почне да функционира објектот“. Исто така, за сите активности на закупецот (реновирање и слично), закуподавачот се обврзува да ги одобри со полномоштво, кое го потпишува претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на град Скопје. Во случај на промена на претседателот на Сојузот, со договорот е предвидено дека „новиот претседател на закуподавачот е должен веднаш да го потпише полномошно и согласност на закупецот, без никакви проблеми“.
Според закупецот Манасков, кој вели дека во текот на изминатите 4 години, инвестирал 1,7 милиони евра во обновување на објектот за бизнисот што го планирал и што го води, договорот бил почитуван од страна на закуподавачот до пред 2 години, односно од тројцата претходни претседатели на Сојузот. Но актуелниот претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на град Скопје, веќе две години не го потпишува полномошното и согласноста, со што закупецот не може да продолжи да спроведува градежни активности, односно да го надградува и проширува својата дејност.

„Бањата ‘Света Недела’, која ја ревитализираме, практично ја изградивме одново, од темел, сега функционира повеќе како спа-центар за релативно здрави луѓе, со одредени времени здравствени проблеми. Но квалитетот на термалната вода нуди можност за лекување на многу посериозни случаи од здравствен аспект и затоа сакаме да склучиме договор со Фондот за здравствено осигурување за постоперативно лекување на пациенти. Еден од техничките услови за добивање употребна дозвола од ФЗО е објектот да има лифт. Поради тоа што актуелниот претседател на Сојузот не го потпишува полномошното, не можеме да инсталираме лифт и Бањата Света Недела да влезе во мрежата на ФЗО, односно кај нас да се лекуваат пациенти на сметка на фондот“, објаснува закупецот Манасков, кој е спорниот момент во односите со закуподавачот, Сојузот на здруженија на пензионери на град Скопје, поради кои тој поднел тужба за нанесена штета, односно кривична пријава за измама со умисла.
Од страна на Сојузот на здруженија на пензионери на град Скопје, претседателот Томислав Татабитовски, причините за непотпишување на полномоштвото за закупецот ги лоцира во недоследноста на договорот за закуп што го потпишале неговите претходници. Во Сојузот сметаат дека членот во договорот „во случај кога ќе се реши да го продава имотот, објектот задолжително ќе мора да го продаде на закупецот“ не е во согласност со одлуката што била изгласана на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионери на град Скопје, три месеци пред потпишување на договорот за закуп, во јуни 2020 година. Според Татабитовски, на Собранието било изгласано објектот да биде даден под закуп, но без можност за продажба на закупецот.

Случајот е веќе во судска постапка, по тужбата на закупецот закажано е рочиште на 16 јануари 2026 година.
Објектот на Домот на пензионери во Катланово, во 1958 година, со одлука на тогашната влада на Народна Република Македонија бил даден на користење на Окружниот одбор на пензионери, со површина од 1120 метри квадратни, односно 30 соби. Во 2010 година, кога започнува процесот на легализација, објектот е речиси целосно уништен, па во договорот за закуп од 2020 година е наведено дека „закупецот и закуподавачот заклучија дека објектот е целосно руиниран и мора комплетно да се реновира“.
„Нема да се прави записник на опрема или слично во објектот, поради тоа што внатре сè е уништено и мора од почеток, комплетно од темел да се реновира. Од нов приклучок за водовод до комплетна инсталација за вода, струја, канализација, плочки, санитарија, столарија, внатрешна и надворешна фасада, уредување двор, паркинзи, околина, натстрешница во дворот, пред ресторанот, варосување, до мебел и опрема“, се наведува состојбата на објектот во договорот за закуп.
Покрај инвестицијата, закупецот е обврзан во првите пет години на Сојузот да му исплаќа месечен закуп од 20.000 денари, што досега редовно го намирувал.
Ј.П.






