сабота, 28 февруари 2026
Остри критики од адвокатите Митровски и Туфегџиќ

Правна битка околу трагедијата во „Пулс“: Го поднесоа ли обвинителите обвинителниот акт под притисок?

За две недели се навршува една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Болката на семејствата не стивнува, додека судскиот процес е во тек. Првиот главен судски процес започна на 19 ноември минатата година, а за почетокот на март се закажани уште две нови постапки, во кои ќе им се суди на полициски службеници.

Објавено на

часот

Сподели

Во тековната постапка, на 35 физички и три правни лица им се суди за кривично дело тешки дела против општата сигурност, односно за помагање во извршување на истото дело. Според обвинителниот акт што го поднесе Основното јавно обвинителство Кочани, се опфаќа период од 13 години — од 2012 до март 2025 година — и се наведува дека повеќе одговорни лица, меѓу кои службени и раководни лица од различни институции, не постапиле согласно прописите и техничките правила за заштита, со што придонеле за создавање опасност по животот и имотот.

Обвинети во предметот се лица поврзани со работењето на дискотеката, претходни сопственици и менаџмент, лица од локалната самоуправа, како и службени лица од надлежни институции, вклучително и оние кои учествувале во издавање дозволи или контроли во изминатите години.

Редакцијата на МКД.мк побара став од двајца одлични познавачи на правото, адвокатите Јанаки Митровски и Владимир Туфегџиќ, за тоа дали на сите обвинети во постапката за трагедијата во Кочани, треба да им се суди за исто кривично дело.

Јанаки Митровски: Обвинението е проблематично, соизвршителство тешко се докажува во овој предмет

Адвокатот Јанаки Митровски во својата изјава оценува дека ваквото поставување на обвинението е проблематично од аспект на кривично-правната конструкција на соизвршителство. Тој посочува дека според член 22 од Кривичниот законик, соизвршителство подразбира заедничко и директно дејствување во извршување на делото, што, според него, е тешко применливо меѓу лица кои временски се оддалечени со повеќе години.

„Нема сериозен правник кој не го критикува вака поставениот диспозитив на обвинението за предметот познат како Кочани, бидејќи ако дословно се чита Кривичниот законик и членот 22, јасно е дека соизвршителство дека повеќе лица заеднички дејствуваат и заеднички сторат кривично дело. Значи обвинителот сака да не убеди дека сопственикот на дискотеката заедно со сопственикот на објектот или со тој што работел на врата, заеднички го сториле кривичното дело по член 292 со, некој министер од 2013 година или оној што издал дозвола или некој инспектор. Тоа во пракса е невозможно да се докаже и сите знаеме дека вака поставеното обвинение е исклучиво поради притисок од јавнода дека мора да има предмет кон поголема група на луѓе. Многу добро знаат колегите обвинители дека најголем дел од дејствијвата кои бележат други кривични дела, дали е поткуп, дали е давање кагрда, противзаконито влијание за давање на дозволи… сите до едно се застарени и така ќе требаше само да одговараат сопственикот на дискотеката, менаџментот и евентуално обезбедувањето, со што ќе си навлечеа гнев од јавноста. Недозволиво е еден обвинител да носи ваква одлука и да се води од судот на јавноста, а не од фактите кои ги има на терен бидејќи ова доведува до преобемен предмет. Тука може некој да се разболи и за тоа нема да може да се замерува бидејќи имаме многу обвинети и адвокати“, вели за МКД.мк адвокатот Митровски.

Тој додава дека не е проблем обвинетите да се гонат по член 292, но не може да има соизвршителство и тоа тешко ќе се докаже.

„Се дозволува да се прави притисок од јавноста, а главен виновник за тоа е Љубомир Коцевски кој ги стави пред свршен чин обвинителите, 13 или 15 и по секоја цена за три месеци да мораа да ја завршат истрагата и дека мора да се покрене обвинение пред истек  на 4 месеци, небаре не постојат други мерки за обезбедување на присуство и ги исфорсира обвинителите, кои делумно сносат вина бидејќи прифатија таков диктат, а по Новиот закон за јавно обвинителство тој нема право да им се меша во работата“, дополнува адвокатот Митровски.

Тој смета дека дел од евентуалните други кривични дела поврзани со дозволи или влијание би можеле да бидат застарени, и дека проширувањето на предметот создава ризик од преобемна постапка. Според него, обвинението не смее да се води под притисок на јавноста, туку исклучиво врз основа на докази.

„За поздрав е одлуката на обвинтелката Ивана Трајчева од ОЈО ГОКК која ослободи дел од полициските службеници и јас го поддржувам фактот дека дел од полицајците немале надлежности за спречување на пожарот или генерално да одговараат за кривичното дело предизвикување на општа опасност, а повразн до членот 292 тешки дела против општата сигурност. Правен нон-сенс е да се земе 13 години наназад период и да се отвори една преширока постапка и да се опфати се во обвинителниот акт. Крајно хазардно е ваквото постапување на ЈО бидејќи ќе ризикува предметот во повисоките инстанци, а дискутабилно е колку во прв степен ќе се има храброст да се донесат ослободителни пресуди и се согласувам со ставот дека за дел од обвинетите требаше да има запрена истражна постапка, односно отфрлена кривична пријава“, дополнува долгогодишниот адвокат.

Владимир Туфегџиќ: Делот за одговорност од 2012 година е спорен, потребно е преиспитување на обвинението

Став за основаноста на обвинението изнесе и дологодишниот судија и адвокат Владимир Туфегџиќ, кој оценува дека делот од обвинението што се однесува на „верижна одговорност“ од 2012 година е правно спорен, особено во однос на поранешни министри и функционери од тој период.

Туфегџиќ информира дека, како бранител во предметот, на 1 февруари 2026 година поднел барање за преиспитување и надзор над законитоста на обвинението до Републичкото јавно обвинителство и до Вишото јавно обвинителство Штип, повикувајќи се на Законот за јавното обвинителство. Тој нагласува дека за кривично дело тешки дела против општата сигурност мора да постои директна причинско-последична врска меѓу непостапувањето по прописите и настанатата смрт.

„По однос на вашето прашање моето мислење по однос на основаноста на поднесеното обвинение за кочанската трагедија јавно сум го кажал повеќе пати, поточно дека обвинението во делот на верижната одговорност од 2012 година е проблематично, особено во делот на особениот придонес на поранешните министри, градоначалници и овластени лица од пред повеќе од 10-12 години. Како дополнително избран бранител на поранешниот министер Ваљон Сараќни во период 2012-2014 година, на 01.02.2026 година согласно член 28 од Законот за јавното обвинителство поднесов барање за преиспитување, контрола и надзор над законитоста на поднесеното обвинение до републичкото Јавно обвинителство и до Вишото јавно обвинителство Штип. Имено, повод за вака поднесеното барање е ставот на ОЈО за ГОКК по однос на полициските службеници и границата на одговорноста во контекст на причинско-последичната врска со настанатата трагична последица. Факт е дека за постоење на кривично дело тешки дела против општата сигурност се бара директна причинско-последична врска помеѓу непостапувањето по прописите и настанатата последица, смрт на едно или повеќе лица. Отука нејасно е и проблематично каде јавното обвинителство, под раководство на тогашниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, во овој кривичен предмет ја нашло поврзаноста на министер од 2012-2014 година со настанатата трагична последица во 2025 година и тоа во ситуација кога од доказите јасно произлегува дека тогашниот министер воопшто не постапувал во предмет кој се однесува на објект во кој се случила трагедијата“, вели за МКД.мк адвокатот Туфегџиќ.

Тој додава дека ако Јавното обвинителство доколку сака ефикасна судска постапка треба веднаш да го преиспита обвинението и да ги тргне сите недостатоци и недоречености а јавниот обвинител има законска обврска ова да го направи.

„Законот налага да се почитува веќе воспоставената правна и судска пракса, а не недозволено да се експериментира по принципот ‘ние мислиме дека ќе докажеме’ особен придонес, не, туку пристапот мора и треба да биде токму она што го налага законот по однос на ова кривично дело, ‘ние имаме цврсти докази’ за директна причинско-последична врска помеѓу непостапувањето по прописите и настанатата последица, смрт на повеќе лица, а сето ова пред се поради големиот број настрадани и членовите на нивните семејства. Лично верувам дека во Јавното обвинителство ќе надвладее разумот и навремено ќе се сфати дека ова обвинение треба да биде темелено врз основа на докази од кое ќе произлезе праведна судска одлука, што побргу се случи преиспитување на обвинението толку се поголеми шансите да добиеме ефикасна, брза и праведна разрешница“, дополнува долгогодишниот познавач на правото.

Според него, останува спорно како обвинителството ја утврдило поврзаноста на лица од пред повеќе од една деценија со последиците од трагедијата во 2025 година, особено во делот на нивните конкретни надлежности и дејствија.

Адвокат Петре Шилегов на последното рочиште за трагедијата во Пулс на судењето во големата судница во Идризово побара одложување на денешното рочиште за случајот Пулс, бидејќи како што рече, Обвинителството ги носи во заблуда и одбраната и судот и прашува по кои закоснки прописи се води овој предмет.

Предлогот на одбраната беше судењето да се одложи и постапката да се прекине.

Во случајот Пулс се отвора нов процесен фронт и откако одбраната на дел од обвинетите вчера побара ревизија на обвинението и повлекување на делот што се однесува на лица за кои тврди дека немале директни дејствија и овластувања во времето на пожарот. Барањето е поднесено преку иницијатива до стручниот колегиум на Јавното обвинителство и до в.д. шефицата на републичкото обвинителство Анита Тополова-Исајловска.

Иницијативата ја поднесе адвокатот Еленко Миланов, бранител на Крешник Бектеши, Зоран Николовски и Беким Максути, со теза дека обвинителниот акт треба да биде преиспитан поради отсуство на вина и поради, како што наведува одбраната, потребата од јасна причинско-последична врска меѓу конкретно постапување и кривично-правниот настан. Во аргументацијата се повикуваат и на начелата на еднаква примена на законите и економичност на постапката.

Ова следи откако ОЈО ГОКК  ја прекина постапката за вкупно 11 полицајци кои беа опфатени со друга истрага за трагедијата во Пулс, откако обвинителите утврдиле дека полицајците не биле надлежни за проверка на противпожарна заштита туку за сосема други проверки од полицискиот домен на обврски во Законот за угостителска дејност.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката Пулс во Кочани, избувна пожар, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

За несреќата се обвинети над 30 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинението е застапувано од тим од 15 јавни обвинители.

Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ