Од партијата Левица велат дека во интерес на вистината и за јавноста да има точни информации, потребно е да се расчистат сите шпекулации поврзани со сообраќајната несреќа во која беше инволвиран нивниот пратеник Јанчев.
Според Левица, несреќата се случила ноќеска по полноќ, при удар на нерегистриран и неисправен моторцикл без светло, управуван од малолетник без возачка дозвола и кацига. Велат дека мотоциклот, движејќи се со неприлагодена брзина, практично се забил во совозачката врата на автомобилот управуван од Јанчев, кој во тој момент имал вклучен трепкач за вртење десно.
„Очевидци потврдуваат дека нашиот пратеник возел совесно, со пропишана брзина и дека не бил под дејство на алкохол, бидејќи воопшто не консумира алкохол. Несреќата се случи за миг и не можеше да се избегне,“ велат од партијата, додавајќи дека токму Јанчев веднаш повикал полиција и Брза помош, која стигнала дури по 40 минути.
Во несреќата се повредени пратеникот Јанчев и негов сопатник, како и малолетна сопатничка на мотоциклот, додека најтешко повреден е малолетниот возач кој е хоспитализиран.
„Изразуваме длабоко жалење за оваа трагична ситуација и упатуваме искрени желби до семејството на повредениот млад човек за негово што побрзо закрепнување,“ порачаа од Левица.
Од партијата апелираат до младите да бидат одговорни учесници во сообраќајот и секогаш да се придржуваат до правилата, а од Сообраќајната полиција бараат наместо тенденциозни соопштенија, да вршат засилени превентивни контроли насочени кон најмладите.
„Левица ќе го чека официјалното вештачење и крајот на истрагата што ја води Обвинителството. Јавноста ќе биде информирана транспарентно, бидејќи немаме што да криеме. На секој обид за политички местенки и злоупотреба на случајот ќе реагираме остро и без задршка,“ велат од Левица, повикувајќи ги институциите професионално да си ја завршат работата.






