недела, 6 април 2025

Пратениците од власта не прифатија декриминализација на клеветата

Објавено на

часот

Сподели

ЗНМ ја поздрави расправата во законодавниот дом во врска со предложените измени за декриминализација доставени од пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија.
Наспроти барањето на новинарите и поддршката на опозицијата, пратениците од парламентарното мнозинство ги оценија предложените измени како избрзани и предложија да се почека исходот од преговорите на ЗНМ и Владата.
Пратеникот Величковски образложи дека со декриминализацијата на клеветата и навредата ќе им се излезе во пресрет на граѓаните, односно на новинарите и медиумите, кои, според него, ќе се ослободат од самоцензура.
За Ермира Мехмети-Деваја од ДУИ нема дилема оти е неопходна законска измена, а декриминализацијата на клеветата ќе придонесе за градење демократски амбиент. Сепак, таа побара да се почека исходот од преземените иницијативи како што е почнатиот дијалог меѓу Владата и ЗНМ, кој има и дефинирана агенда за работа и се очекуваат резултати.
„Имаме и уште една иницијатива, која е мошне оспорувана во јавноста – законот за медиуми, а третата е проблематичниот закон за радиодифузија. И јавноста, особено опозицијата, има обврска да ги ислуша иницијативите што ги покренува власта“, рече Мехмети Деваја.
Величковски во реплика истакна дека сите што сметаат оти треба да има декриминализација на клеветата и навредата треба да го поддржат предлогот.
„Нема слободни новинари на кои им виси кривичната одговорност за изречена клевета и навреда“, посочи Величковски.
Независниот пратеник Сафет Бишевац во коментар на кривичните пријави против новинарите посочи дека девет завршиле со драконски казни.
Со прифаќањето на предлогот за измени на Кривичниот законик, смета тој, ќе се даде јасен сигнал за новинарите дома, но и надвор и кон ЕУ, дека има подготвеност за менување на работите. Исходот од дијалогот меѓу Владата и ЗНМ ќе биде само втор чекор во тој правец, смета Бишевац.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека опозицијата со пристапот кон законот покажува лицемерен однос и сака само да собере поени, но не и да ги реши вистинските прашања на новинарите.
„Владата ги почна разговорите со ЗНМ и со другите субјекти за цел пакет на потреби и барања на новинарската фела. Величковски и СДСМ се обидуваат да се претстават како застапници и адвокати на новинарите“, посочи Димовски.
Според него, казните за новинарите биле зголемени во време на СДСМ, кога, како што истакна, со закон имаше можност и за затвор за новинарите, кој подоцна во време на ВМРО-ДПМНЕ бил сменет.
Поддршка на предложениот закон даде пратеничката група на НСДП, бидејќи, како што рече пратеникот од таа партија Горан Мисовски, е предложен во вистинско време. Тој нагласи дека верува во искрените намери на вицепремиерката Теута Арифи како прв човек во преговарачкиот тим со ЗНМ од страна на Владата и на ДУИ, но не и во капацитетот на ДУИ до крај да ги спроведе преговорите.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз побара да се понудат вистинска форма и механизам за заштита на вистината и на новинарите.
„Новинари може да бидат само тие со високи морални квалитети што се залагаат за професионални стандарди и што мора да жртвуваат сè заради објавување на вистината. Секогаш ќе бидам на страната на таквите новинари, но и против оние што континуирано го газат достоинството на граѓаните и за тоа „дебело“ наплаќаат и нема механизам да се заштити вистината. Овие работи се многу сложени и треба да се дојде до вистинската форма за заштита на вистината“, рече Трајанов.
Косана Мазнова Николиќ од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека формата во која е предложен законот е лицемерство и класично додворување до новинарската фела, а доказ за тоа, како што рече, бил бројот на тужбите од опозицијата до новинарите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ