петок, 5 декември 2025

Пратениците треба да кажат дали ќе има надзорна расправа за пожарот во Кочани, вели Мицкоски

Прашањето за поддршката за формирање на собраниска анкетна комисија за истражување на случувањата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ треба да биде упатено до пратениците, изјави премиерот Христијан Мицкоски откако претходно денеска Левица порача дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема повеќе ниту еден аргумент да го одлага одржувањето на надзорна расправа за трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека обвинението е поднесено пред повеќе од еден месец.

Објавено на

часот

Сподели

„Што се однесува за поддршката за анкетна комисија, тоа прашање мислам дека добро е да им го поставите на пратениците. Мислам дека ваков тип на соочување со јавноста многу скоро ќе биде кога ќе почне процесот во суд. Така што таму ќе може сите и граѓаните и јавноста и вие медиумите да видите што сѐ се случувало“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи барањето на роднините на загинатите во пожарот.

Тој одговарајќи и на прашање за барање за еднократна парична поддршка за семејствата на загинатите, по примерот на оние кои починаа во пожарот во модуларната болница во Тетово за време на Ковид пандемијата, истакна дека како Влада правеле и ќе прават сѐ да им помогнат.

„Ги слушнав двете барања. Апсолутно немам никаква дилема дека ние како Влада правевме, правиме и ќе правиме сѐ што е потребно за да се помогне во тој случај, да се ублажи болката која што е неизмерна, неограничена, голема“, рече Мицкоски по поставувањето на камен темелник за изградба на детска градинка.

Претходно денеска Левица порача дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема повеќе ниту еден аргумент да го одлага одржувањето на надзорна расправа за трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека обвинението е поднесено пред повеќе од еден месец.

„Кога ВМРО-ДПМНЕ во Собрание ја саботираше иницијативата за надзорна расправа поднесена од Левица, пратеничката Дафина изјавуваше дека ‘истрагата сè уште не е завршена, да почекаме да биде формиран тој обвинителен акт, па потоа како пратеници да расправаме на тема трагедијата во Кочани’. И пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ – Драгана Бојковска тврдеше дека сами ќе иницираат расправа за Кочани штом заврши истрагата. Поминаа повеќе од месец дена од поднесувањето на обвинителниот акт, а пратениците од власта молчат“, велат од Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ