Филипче соопштува дека на координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оцениле дека ова се неопходни чекори.
„Пратениците на СДСМ и коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во ‘Пулс’, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања. На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија. Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание“, стои во објавата на претседателот на СДСМ.
И претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, преку социјалните мрежи соопшти дека планира следната недела да закаже седница на Постојаната анкетна комисија во Собранието, со која претседава, откако родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани испратиле претставка.
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од ‘Здружението 16 Март’ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката ‘Пулс’. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, пишува Апасиев.






