вторник, 17 февруари 2026

Позитивно мислење за четворица кандидати за државен јавен обвинител од Советот на јавни обвинители

Советот на јавни обвинители денеска даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати за државен јавен обвинител.

Објавено на

часот

Сподели

Позитивно мислење добија сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска; обвинителката Ленче Ристовска; судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски и обвинителката од ОЈО Скопје, Лидија Раичевиќ. За кандидатурата на Владимир Панчевски едногласно одлучи дека тој не ги исполнува условите предвидени со законот, во однос на работниот стаж.

Претседателот на Советот, Башким Бесими, пред медиумите истакна дека членовите постапиле исклучиво врз основа на законските критериуми.

„Ние, согласно закон ги разгледавме сите пријавени кандидати и ценевме дека ги исполнуваат условите согласно закон и затоа дадовме позитивно мислење. Сите кандидати се јавни обвинители, а еден е судија со успешно работење и во јавното обвинителство, и во судовите. И не можевме како членови да ги делиме зошто сите се по 25 или 15 години обвинители и затоа дадовме позитивно мислење“, рече Бесими.

Во однос на забелешката дека кандидатката Лидија Раичевиќ во претходниот избор од истиот совет добила негативно мислење, Бесими посочи дека тоа е одлука на поранешниот состав.

„Тоа била нивна одлука. Сега имаме нови членови и ново разгледување. Не е пресудно дали некој бил на раководно место. Некој можеби никогаш нема да биде ничиј шеф, па сепак може да биде републички јавен обвинител“, изјави тој.

На новинарско прашање зошто не биле повикани кандидатите на интервју, иако деловникот ја дава таа можност, Бесими објасни дека членовите веќе добро ги познаваат кандидатите и дека нема законска обврска за интервју.

Во врска со новиот закон што предвидува поголема транспарентност и доставување програма од кандидатите, Бесими истакна дека советот морал да постапи според актуелниот закон.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите што беа пристигнати во Собранието беа препратени до Владата, која потоа бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена до Владата, по што таа до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ