недела, 14 декември 2025

Пожарот во Крива Паланка зема една жртва, изгорени се четири куќи, опожарени 80 хектари шума

Пожарот што вчера избувна во Крива Паланка опожари околу 80 хектари шума, изгоре четири куќи и зеде една човечка жртва. Според информациите од територијалната противпожарна едниница Крива Паланка пожарот активно го гаснеле околу четиристотини лица, од кои двесте службени лица и повеќе од двесте цивилни лица.

Објавено на

часот

Сподели

Пожарот избувнал во атар на село Градец, близу клучката на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка со магистралата А2, околу 12 часот и 35 минути, кога е примена дојавата во ТППЕ Крива Паланка, а поради ветарот почнал неконтролирано брзо да се шири при што достигнал и на неколку метри од домовите на луѓето во населба Бегови бавчи и Лозаново, каде во опасност било и опожарување на гасоводната станица.

„Пожарот беше од големи размери и за жал однесе и еден човечки живот. Изгореа четири куќи, спасени се повеќе од пет куќи до кои огнот стаса, камп приколки, викендици во Градец. Речсии 400 лица активно го гаснеа пожарот, од кои половината беа месно население, додека општината и службите итно мобилизираа  ресурси на локално ниво, а на помош ни дојдоа и државни служби, АРМ и пријатели од соседството и останати градови. ТППЕ Крива паланка ја мобилизареше целата единица, 17 лица, ЈП Комуналец се вклучи, ДЗС, ЈП Македонски шуми, ПШС Осогово, МВР, Специјална единица тигар, колеги од ТППЕ Кавадарци, Струмица, пробиштип, од република Бугарија: ТППЕ Софија и ТППЕ Ќустендил, како и приватни фирм и од градот со несебична помош и поддршка: Дине Трејд, Булмак – Тораница, Офф-роад Осогово, активно се вкучи и општинската администрација, АРМ со околу 40 луѓе и ДЗС испрати еден авион околу 15:30 часот. Пожарот беше префрлен и на левата страна на Крива река, каде зафати дел од објектот на стар „Елегант“ кај поранешната фабрика Карпош, но овој реон беше изгаснат за околу половина час по избувнувањето, околу 16 часот. Целиот пожар е локализиран околу 18 часот,  а локализиран околу пет утрово, со догаснување жаришта во куќите“, информира Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.

До рано изутрина околу 30-тина лица спровеле дежурство на критичните точки, при што покрај пожарникарите од Крива Паланка, дежурале и пожарникари од Македонска интервентна пожарна (МИП)  Кавадарци, вработени во ЈП Македонски шуми, пожарникари од Бугарија и волонтери-граѓани.

Помош и логистика активно пружиле Црвен крст, општинска органзиација Крива Паланка и општествено одоговорни компании од градот.

Во текот на вчерашниот ден во Крива Паланка имало и уште два пожари, опожарено е ПМВ и пожар настанал во населбата Баглак кој е изгаснат за еден час од дојавата околу 13 часот, а заедно со пожарникарите гаснеле и десетина мештани.

Синоќа заседаваше и општинскиот кризен штаб, на состанокот присуствуваа и пратениците во Собранието од Крива Паланка, Љупчо Николовски и Емил Спасовски.

„На состанокот беше констатирано дека пожарот е локализиран и ситуацијата е под контрола.Искажуваме длабока благодарност до сите храбри пожарникари, припадници на армијата, вработени во јавните институции, волонтери и граѓани кои будно и несебично помогнаа во гаснењето на пожарот. Вашата солидарност и сплотеност уште еднаш докажаa дека заедно можеме да се справиме со секоја криза. Апелираме на внимателност, одговорно однесување и постојана будност во следните денови“, информираа од општината.

Поради состојбата со пожарите откажани се двата планирани настани од програмата на „Кривопаланечко културно лето“ што беа закажани за синоќа и вечерва. Причините за настанување на пожарот дополнително ќе се утврдуваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ