Директорот на ЦУК, Ангелов рече дека ставањето на пожарот под целосна контрола значи дека истиот не може да се шири и да зафати нови површини, но има спорадични горења во јадрото.
Инаку, пожарот во близина на село Штурово над Радовиш, на планината Плачковица, започна да гори вчера од 16:20 часот и постоеше опасност да ги зафати блиските викенд куќи.
И Општина Битола информира дека пожарот над Битола е целосно ставен под контрола со сеопфатна и континуирана ангажираност на противпожарните екипи, поддршка од јавните претпријатија и дополнителна помош од ЦУК.
Претпладнево како воздушна поддршка на противпожарните екипи, пристигна државна помош за Битола, составена од пет ер трактори, од кои три од Дирекцијата за заштита и спасување и два од Турција кои се дел од помошта која стигна за справување на Македонија со пожарите.
Екипите на ТППЕ Битола остануваат на терен до целосно гаснење на пожарот.

„Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски им се заблагодарува на сите вработени во ТППЕ Битола, за нивната посветеност и пожртвуваност во борбата со огнената стихија. Исто така, локалната самоуправа изразува огромна благодарност до сите општествено одговорни компании кои ја изразија својата хуманост и покажаа интерес да помогнат во обезбедувањето на храна и вода за екипите кои ноќта ја поминаа на терен. Голема благодарност до медиумите, кои со својата објективност овозможија навремено и објективно информирање на граѓаните за состојбата со пожарот и делувањето на општинскиот кризен штаб“, наведува Oпштината.






