недела, 14 декември 2025

Пожарите разгореа партиска кавга: СДСМ ја обвинува власта, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа со споредби од регионот

Додека теренот гори, партиите се препукуваат кој е виновен за ситуацијата со пожарите во земјава. СДСМ остро ја нападна Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, „катастрофална неспособност и непостапување“, додека од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Македонија, за разлика од соседните земји, се справува навремено и без човечки жртви.

Објавено на

часот

Сподели

„Наместо брза, координирана и силна реакција, владата на ВМРО-ДПМНЕ дозволи пожарите да излезат од контрола. Гориме со денови, нема нова опрема, нема доволно пожарникари на терен“, наведуваат од СДСМ. Тие посочуваат дека над 20% од површината со шуми и пасишта е претворена во пепел, а причината, според нив, е непланирано трошење на државниот буџет и одбивање на предлозите на СДСМ за вложувања во противпожарната заштита.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во своето соопштение се повикува на бројките од регионот. Велат дека пожарите се последица на екстремни температури и суша која го зафатила целиот Балкан и оти, за разлика од земји како Грција, Бугарија, Турција или Албанија, во Македонија нема човечки жртви, ниту значителна материјална штета.

„И додека земјите од регионот бројат жртви, раселени граѓани и изгорени села, во Македонија пожарите се ставени под контрола благодарение на навремената интервенција на службите“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Притоа посочуваат дека ангажирани се пожарникари, припадници на Армијата, хеликоптери и волонтери.

Во меѓувреме, алармантната состојба на терен останува, со десетици активни жаришта, тешко пристапни терени и зголемен ризик од нови пожари поради високите температури и ветровите. И додека институциите и пожарникарите водат битка со огнот, политичката битка меѓу власта и опозицијата се води на друго поле, кој е виновен, кој не реагирал и кој требало да направи повеќе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ