Земјоделците од северниот дел на Грција, кои од 1 декември своите трактори ги имаат паркирано на грчката страна од границата, се меѓу блоковите што одбија денеска да се сретнат со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и продолжуваат со нивните активности, протести и блокади.
Не е исклучена можноста граничниот премин Евзони да биде блокиран и во вечерните часови, по 19 часот по локално време.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, од 19 часот по локално, 18 часот по македонско време, четири часа ќе биде блокиран граничниот премин Ники (Меџитлија) за товарни возила, а во периодот од 20 до 22 часот (од 19 до 21 часот по македонско време) блокадата ќе се однесува и на автомобилите.
Како што претходно објави МИА, земјоделците од над 55 блока доцна синоќа одлучија да не дојдат на состанокот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис затоа што, како што тврдат, владините ограничувања за бројот на претставници ги поткопуваат изгледите за значаен дијалог и планираат дополнително да ги интензивираат протестите.
Мицотакис денеска, сепак, ќе одржи средба со земјоделците, но со претставниците на 14 блокади, односно со оние што уште од минатиот месец се одделија од другите и побараа дијалог со владата.






