„Чувствуваме должност и потреба да се обратиме јавно поради сериозна и загрижувачка промена во нашата здравствена нега. Ја информираме јавноста дека од овој понеделник, 1 јуни, докторката Катерина Паниќ, позната како докторка Кате, која беше наш главен доктор и поддршка во целиот период на опоравување, повеќе нема да биде дел од ЈЗУ Општата болница – Кочани. Таа заминува во друга болница, иако никој нема да може да ја замени, и ние сè уште немаме информации кој ќе дојде на нејзино место и каков ќе биде понатамошниот пристап кон нашето лекување“, се истакнува во дописот од повредените.
Лицата кои се лекуваат во болницата во Кочани посочуваат дека се во страв и неизвесност и дека чувствуваат општа напуштеност од страна на државата во поглед на нивната нега.
„Вистината е – не знаеме што нè чека утре. Никој не ни кажува кој ќе дојде после неа или како ќе изгледа нашата понатамошна грижа. Веќе се прашуваме дали пак ќе останеме сами? Повеќе не веруваме и сакаме да знаете дека не е исто. Не е исто кога некој само ја пополнува смената, и кога некој навистина се грижи. Ние тоа го чувствуваме секој ден, на секој преглед, во секој здив од болка. Докторката Кате не беше само лекар, таа беше наша надеж, сила и стабилност. Начинот на кој ни пристапуваше со човечност, посветеност и разбирање не може да се замени. Во неа стекнавме длабока доверба – доверба што не доаѓа лесно кога се поминува низ период на траума и неизвесност“, додаваат повредените.
Од Општата болница во Кочани информираа дека уште на почетокот од оваа година, пред да се случи пожарот во „Пулс“, докторката Катерина Паниќ Мирчовска поднела лично барање за прекин на работниот однос, поради ангажман во Градската болница „8 Септември“ во Скопје.
Одлуката за прераспределување ја потпишал претходниот министер за здравство Арбен Таравари, но неговиот заменик Јовица Андовски ја запрел нејзината важност, со што докторката ќе остане во Кочани сѐ додека пациентите имаат потреба од нејзината здравствена нега.
Во меѓувреме, министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска на прашање на денешната собраниска седница за пратенички прашања од пратеникот Оливер Спасовски рече дека во Буџетот на Република Македонија за настраданите во Кочани се обезбедени 30 милиони денари за помош на семејствата и повредените и дека до овој момент се исплатени 11,2 милони денари за патни трошоци и сместување на семејства на повредените кои се лекуваат во странство, а оваа постапка ќе продолжи и понатаму.
„Од буџетот на Република Македонија за настраданите во Кочани се обезбедени 30 милиони денари за помош на семејствата и повредените. До овој момент се исплатени 11,2 милони денари за патни трошоци и сместување на семејства на повредените кои се лекуваат во странство и оваа постапка продолжува и понатаму“, кажа Димитриеска Кочоска.
Таа посочи дека покрај од буџетот, помошта собрана преку Црвениот крст од донации од граѓаните, била во координација со Владата, и дека тоа било во моментот најбрз начин да се соберат средства и да им се излезе во пресрет на настраданите.
„Затоа одевме паралелно со две постапки. Едната беше Црвениот крст каде сите ние и како функционери и како пратеници од владеачкото мнозинство, верувам дека и вие од опозицијата сте донирале пари, и тоа се средства кои се наменети за нив. Но покрај овие 30 милиони денари, поддршка од буџетот, тука не се вкалулирани сите оние трошоците кои се сервизираат преку ФЗОМ, бидејќи станува збор за повреди кои беа многу тешки и за лекување кое ќе трае долго време. Владата многу брзо реагираше во оваа ситуација, рече Димитриеска Кочоска…Повторувам 30 милиони денари коои што се на располагање на семејствата и се исплаќаат согласно потребите и во исто време се сервисираат обврските од Црвениот крст. Тоа е одлука која што ја донесе Владата и кои што средства се исплаќаат“, рече министерката за финансии.
Според Спасовски, граѓаните покажале сериозна солидарност, бидејќи на сметките на Црвениот крст, според последното соопштение досега се собрани околу 156, 5 милиони денари од кои во неколку наврати досега извршени се исплати на погодените семејства. На семејствата на починатите лица од оваа сметка биле исплатени 52,038 милиони денари, за настраданите лица кои се на лекување во странство 44,163 милиони и за оние кои се лекуваат во земјава исплатени се 11, 247 милиони денари. Или вкупно досега исплатени се 107,44 милиони денари, а преостанти се околу 46,59 милиони денари на сметката на Црвениот крст. Во соопштението од Црвениот крст се наведува дека следат консултации со надлежното Министрерство за да се утврди зависно од степенот на повредеите колку финансиски средства на кои лица и смејства ќе им бидат исплатени.