Една од тие човечки приказни е и на Ана Дуковска која во 2007 година заминала во САД, но по 17 години едукација и престој таму се враќа во Македонија. Таа истакна дека новата Стратегија на Владата за ислениците препознава дека иселиништвото не е повеќе сентиментален поим, туку ресурс, партнер и продолжена рака на државата и како што рече Стратегијата говори за дигитална поврзаност, културна интеграција, економска соработка, но пред се за враќање на довербата. Таа на денешниот форум предложи Национална кампања за стекнување на македонско државјанство за сите Македонци, родени надвор од државата и тоа не како административна постапка, туку како чин на припадност, признавање и враќање дома во татковината.
„Денес сум повторно дома не да бидам товар на државата, туку ресурс. Не се вратив да барам, туку да допринесам. Работам за Американска компанија, како сметководител, но од мојот дом во Македонија. Со странски примања, а со секојдневна потрошувачка тука“, рече Дуковска.
Но, како што вели, не ги заборавила своите контакти, кои и помагаат да ја промовираат Македонија и ги ставила во функција на татковината.
„Оваа година имав чест на 4.Глобална женска лидерска конференција во моја организација да бидам домаќин на госпоѓа Кимберли Флечер една од највлијателните жени во САД и близок пријател и соработник на сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп. За време на нејзиниот престој, на моја иницијатива госпоѓа Флечер ја избра Македонија, поточно мојот Охрид како почетна точка за проширување на нејзиното движење ‘Мајките за Америка’, во мрежата ‘Мајките за слободата во светот’, во кои истовремено сум и коосновач“, вели Дуковска.
Својата приказна ја споделија и брачната двојка Моника и Кристијан Томашевски, кои откако заминале во странство годинава се вратија во Македонија и отвориле фирма за лидерска регрутација. Посочуваат дека се задоволни од тоа како ги прифаќа бизнис заедницата, а како што велат, Македонија има млади луѓе кои се способни, трудољубови и со знаење.
Далибор Рутник од Македонија заминал како дете, а во земјата со семејството се враќа оваа година. Има компанија во информатичкиот сектор со 150 вработени и еден од авторите на „Мој термин“, како што вели нивниот софтвер го извезуваат во 13 земји.
„Сметам дека народот е тука повреден, поспособен. Јас си ја најдов домата, првпат се чувствувам дека сум дома“, вели Рутник.
На форумот говореа и повратници од сите краишта, кои веќе имаат свои фабрики, а производите ги извезуваат надвор од државата.
Пред присутните се обрати и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој исто така е повратник. Тој, како што, вели заминал во Швајцарија како азилант, но се вратил во својата земја за да ги инвестира своите пари во неа.
„Не сме од тие што зедоа се од нашата држава и избегаа и ги зедоа парите од оваа држава за да ги трошат во трети земји“, вели Лимани.
Премиерот, Христијан Мицкоски смета дека има и објективни и субјективни причини поради кои луѓето во минатото заминувале од Македонија. Затоа, како Влада, вели тој, прават се да ги отстранат тие причини и да се борат секој еден граѓанин да остане во земјава, но и оние кои заминале да се вратат.
„Многу од граѓаните од Македонија заминале од финансики причини, но и поради чувство на нефункционален систем, чувство на неправда, како правната држава да не го испорачува тоа што треба да го испорача, чувство дека системот не е ист за сите и оти има граѓани од прв, па сите останати. Тоа мотивира чувство да се има објективна причина, зошто некои луѓе одлучиле во минатото да заминат надвор. Јас тоа го разбирам и тоа би била мојата прва порака дека како Влада ќе сториме се што е во наша моќ сите овие неправди да се обидеме да ги исправиме, да направиме се, секој ден да биде подбар од претходниот“, рече Мицкоски на форумот на повратници во Македонија.
Втора порака, според него е дека покрај објективните има и субјективни причини, односно креирани мислења дека во државата ништо не чини и оти секаде е подобро од дома.
„Во државата има еден талог кој е нихилистички настроен, на кој се му смета, па дури и изгледот на вашата фризура, му смета и создава една токсична атмосфера што создава притисок врз луѓето кои сакаат да живеат нормално, слободно, пристојно во државата. Не сите тој притисок можат да го издржат и се пакуваат, во еден куфер го ставаат својот живот и тој талог во општството. Тој талог не ретко го има и во политиката. Затоа мојата втора порака е дека како Влада сме силно одлучени да тој талог го поразиме. Жилави се, нема да биде лесно, но таа борба на крај ќе ја добиеме полека битка по битка победуваме“, истакна премиерот Мицкоски.
Третата порака, како што додаде е дека годинава има најмалку баратели за отпис од македонско државјавнство и најмногу баратели за поврат на македонско државјанство во изминтите 25 години, податоци, кои, како што истакна, се официјални од МВР, и кои особено го радуваат.
Затоа, нагласи тој, борбата за секој еден човек треба да продолжи.
„Без луѓе нема економија, без економија нема ништо и затоа борбата треба да се води за секој еден човек да остане во Македонија и за оние кои заминале да се вратат“, рече Мицкоски.
Додаде дека треба да се работи и на полето на демографијата ,односно наталитетот, бидејќи, како што истакна, во спротивно и Македонија како и и другите земји во Европа и светот ќе станат Музеи.






