Овие законски измени ќе придонесат кон забрзан економски раст и повисок животен стандард за граѓаните, што значи повисоки плати и пониска инфлација, порачуваат од Министерството за економија и труд.
„Нашата цел е преку новите мерки да поттикнеме инвестиции со поголема додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведат нови технологии и иновации и ќе создаваат одржливи работни места“, велат од Министерството.
Нагласуваат дека законот прецизно ги дефинира субјектите кои можат да користат финансиска поддршка – тоа се компании кои реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра, во рамки на преработувачката индустрија. Истовремено, се исклучуваат субјектите со дејност во примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и оние што вршат градежни активности поврзани со изградба и продажба на станови и деловни згради, бидејќи овие сектори не се дел од класификацијата на преработувачката индустрија.
Министерството за економија и труд, како што посочуваат, има водечка улога во целата постапка, од евалуација и потпишување на договорите до следење на нивната реализација. На овој начин се обезбедува континуитет, контрола и отчетност во користењето на јавните средства.
„Со примената на законот, која започнува на 1 јануари 2026 година, се очекуваат конкретни и мерливи резултати. Министерството останува посветено на создавање предвидлива и поддржувачка бизнис-клима, во која секој инвеститор – домашен или странски – ќе има сигурност дека државата стои зад него“, велат од Министерството за економија и труд.






