Податоците за климатскиот скенер беа основа за Државниот завод за ревизија да се изврши ревизија на успешност на тема „Подготвеност на Република Северна Македонија за справување со климатските промени“ со цел да се даде одговор на прашањето: „Дали Владата воспоставила механизми, системи и политики за справување со климатските промени?“
Со опфатот и доказите кои беа обезбедени, ревизорите стекнаа разумно уверување дека во Македонија се исполнети основните предуслови и постигнат е одреден напредок во креирањето на политиките, но потребни се дополните мерки и активности за воспоставување механизми и системи за справување со климатските промени.
Ревизорските активности беа насочени кон три области и тоа управување со климатските промени, јавни политики за климатски промени и финансирање на климатските промени.
„Во однос на управувањето со климатските промени, постојното законодавство од областа на животната средина иако регулира одредени прашања поврзани со климатските промени, истите не се доволни да се воспостави систем со кој државата ќе управува со климатските промени. Со оддолжување на постапката за донесување на законот за климатска акција која трае повеќе од 5 години, државата нема воспоставен институционален систем, координација и комуникација помеѓу институциите вклучени во процесот на климатски промени, се вели во ревизорскиот извештај.
И покрај вклученоста на голем број на институции, правни лица и засегнати страни во предлог верзијата на Законот за климатска акција изостанува вклученоста на локалната власт која е носител на политиките на локално ниво и истовремено ги имплементира политиките од централно ниво.
Поради слабите административни капацитети, не е обезбедена единствена база на податоци потребна за изготвување и ажурирање на Национален инвентар на стакленички гасови кој со помош на меѓународни проекти последен пат е изработен во 2019 година, односно за последните 5 години нема податоци за емисиите на стакленичките гасови што не е добра основа за креирањето на политиките и управувањето со климатските промени.
Со Долгорочната стратегија за климатска акција за периодот 2020 – 2050 година, државата се обврзала да ги намали нето емисиите на стакленички гасови („без вклучени МЕМО емисии“) до 2050 годна за 72% во однос на 1990 година, односно не утврдила „нето нула“ емисии со што не ги исполнила обврските со Европскиот зелен договор.
Амбиции за намалување на емисии на стакленички гасови во проценти по сектори за период 1990 до 2030 година од Ревидираниот NDC

Со Ревидираниот (NDC Nationally Determined Contribution – Национален утврден придонес), државата се обврзала до 2030 година да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82% во однос на 1990 година, а според официјалните податоци од Инвентарот на стакленички гасови, во 2019 година вкупните емисии на стакленички гасови се намалени за 9,2% во споредба со 1990 година.
„Не воспоставените механизми за мониторинг од страна на МЖСПП и не известувањето од страна на надлежните министерства, не овозможуваат да се направи проценка на релевантноста на мерките и ефектите од истите за постигнување на поставената цел. Во однос на јавните политики за климатски промени, Република Северна Македонија како потписничка на Договорот од Париз уште во 2015 година го утврдила својот придонес во глобалните напори за климатски промени со Првиот NDC, а во 2021 година поставила поамбициозни цели со Ревидираниот NDC со што ги исполнила обврските од договорот. Иако не е донесена Стратегија за ублажување како посебен стратешки документ, во Ревидираниот NDC вклучени се политиките и мерките за ублажување на емисиите на стакленички гасови“, се додава во ревизорскиот извештај.
Државатанема Национален план за адаптација на климатските промени, но дел од секторските стратегии предвидуваат мерки и политики за адаптација. Поради не воспоставените механизми за следење на реализацијата на предвидените политики и мерки, не може да се потврди дали истите се соодветни за постигнување на поставените цели со Ревидираниот NDC.
„Во однос на финансирање на климатските промени, во Долгорочната стратегија за климатска акција, предвидено е дека за реализација на политиките и мерките за периодот од 2020-2050 година ќе бидат потребни капитални инвестиции од 35 милијарди евра и трошоци во енергетскиот сектор од 121 милијарда евра. Имајќи во предвид дека сеуште нема законска основа, во Буџетот на државата не е воспоставен систем за климатско означување на проектите релевантни или поврзани со климатски промени поради што државата не располага со релевантни податоци за финансиските средства наменети за климатски промени. Во периодот од 2020-2024 година не се изготвени двогодишни извештаи (BUR) со кои државата има меѓународна обврска да известува за искористените средства од домашниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа, како и средства од меѓународни фондови и институции и приватниот сектор“, се вели во дадениот извештај.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица за создавање услови со кои ќе се подобрат напорите на Македонија во справувањето со климатските промени.






