За платено политичко рекламирање најмногу се пријавиле интернет портали 257, а надвор од рокот тоа го направиле четири портали. Во рокот се пријавиле и 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.
Од ДИК наведуваат дека овие барања подлегнуваат на проверка од страна на службите во Комисијата затоа бројката не може да се смета за дефинитивна. Појаснуваат дека печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни ценовниците за платеното рекламирање да ги достават до ДИК, Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, а радиодифузерите да ги достават до ААВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, најдоцна на 14 август на полноќ. Овој рок, посочуваат од ДИК, уште тече.
„ДИК е должна да ги потврди и објави на нејзината веб – страна доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдено од радиодифузерите и печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од електронските медиуми, (интернет порталите), согласно член 75-ѓ став (3) и (9) од ИЗ, во рок од 10 дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците, најдоцна на 24 август. Имајки го предвид гореспоменатото, потенцираме дека списокот од табелата не е конечен“, посочуваат за МИА од ДИК.






