четврток, 11 декември 2025

Поттикнување инклузивни општества за лицата со попреченост: Секогаш има простор за подобрување на животот на овие лица

Дискусија на тема „Поттикнување инклузивни општества за лицата со попреченост за унапредување на социјалниот напредок“, се одржа во македонското Собрание, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост којшто се прослави и одбележуваше минатата седмица, и Меѓународниот ден на човековите права – 10 декември.

Објавено на

часот

Сподели

На дебатата, претставничката на здружението „Зета“, Елена Кочоска истакна дека Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост (КПЛП) од 9 декември е дел од уставниот поредок на Норвешка. Таа дополнително појасни и оти КПЛП веќе е дел од Уставот на Словенија, а тоа се две огромни победи и прилично голем чекор во остварувањето и гарантирањето на правата на целата заедница – на највисоко државно ниво, во две европски земји, од коишто едната е земја-членка на Европската Унија.

На новинарско прашање околу тоа, какви се шансите Конвенцијата да стане дел од македонскиот устав и уставен поредок, пратеничката Ангелинка Петкова изјави оти тоа не е едноставно, туку напротив, комплексно прашање.

„Отворањето на Уставот е сложена работа, така што не можам да кажам дека тоа веднаш ќе се случи. Меѓутоа, по донесувањето и ратификувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост од страна на Република Македонија во 2011 година, се пристапи кон нејзино имплементирање во сите општествени сфери. Сакам да потсетам дека во 2012 година тогашната влада воведе ново право за лицата со попреченост, познато како „право на мобилност“ за лица со слепило и глувост. Подоцна тоа право се преименува во „право на попреченост“, изјави Петкова.

Тоа, вели, е многу важно, бидејќи станува збор за материјално право – воведено првпат. Претходно, корисниците имале само право на помош од друго лице.

„Во тој период беа многу задоволни од добивањето на ова право, но со текот на годините неговата вредност се намали, изјави Петкова, која инаку, е член на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост.

Таа се согласи со предлогот на дискутант, дека е потребно многу да се работи на подобрување на овие права. Сакам да нагласам, рече, дека треба да се зајакне координацијата меѓу Националното координативно тело и другите институции.

Националното координативно тело, како што беше истакнато, мора да функционира активно, а не само „проформа“ и да биде поврзано со сите министерства, како и со локалната самоуправа. Во иднина, соговорничката би сакала да се зголеми достапноста на овие права – на пример во таа насока би било и спојувањето на правото на попреченост со правото на туѓа нега, коешто било побарано.

Сѐ на сѐ, заклучокот гласи дека има простор за работа со цел подобрување на животот на овие лица.

Пратеничката Јована Тренчевска, која исто така, е член на Интерпартиската група, истакна дека е важно да се почне од некаде – едно по едно легитимно барање коешто е предложено од здруженијата, да се вгради во законите.

„Денеска организиравме дебатна дискусија што го опфати и Меѓународниот ден на човековите права. Слушнавме многу сугестии од присутните членови на граѓанските организации коишто се борат за подобар статус на лицата со попреченост. Сметам дека оваа дискусија беше значајна, бидејќи ги сублимиравме заклучоците кои ќе бидат доставени до интерпартиската парламентарна група за лицата со попреченост, медиумите и сите комисии што имаат допирни точки со законите за лицата со попреченост“, изјави Тренчевска.

Целта, според неа, е да не зборуваме само декларативно, туку надлежните да произведат конкретни активности и да одговорат на барањата на здруженијата преку точни и конкретни законски решенија.

Пратеничката Петкова се согласи дека секогаш има простор за подобрување на условите за еднакви права и можности за лицата со попреченост.

„Овде зборувавме и за правата на лицата со попреченост. Имаше претставници од повеќе здруженија, како пратеници, особено како членови на интерпартиската парламентарна група, и во претходниот мандат, а и сега, се залагаме за подобрување и за слушање на барањата на здруженијата на лицата со попреченост. Целта ни е што поголемо вклучување на тие барања и имплементирање на законски решенија за социјално подобрување на секојдневниот живот на оваа група граѓани. На овој настан слушнавме нови прашања и барања, бидејќи и денес состојбата не е идеална. Потребно е многу да се работи за да се подобри квалитетот на животот и да се овозможи поголема интеграција во општеството. Како пратеници стоиме на располагање и понатаму ќе ги слушаме вашите предлози, заедно ќе работиме и ќе носиме промени во законските решенија за да се подобри животот на овие лица“, рече Петкова.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ