Потресно беше нејзиното сведочење во кое таа раскажуваше како го изгубила едното дете, а другото останало во живот, но со тешки трауми. И двајцата нејзини синови биле ноќта во „Пулс“. Обвинетите го слушаа сведочењето, а првообвинетиот газда Деко, кој ја држел дискотеката, одвреме навреме погледнуваше во мајката што плачеше, па се вртеше со наведната глава.
„Бевме просечно нормално семејство, син ми Андреј имаше 24 години, тој за жал почина во трагедијата во Кочани. Работеше во ресторани, работеше во Хрватска, каде што требаше да се врати на 1 април. Кобната ноќ беше на испомош во дискотеката Пулс. И другиот син беше повикан во 1 часот да помага. Андреј беше преморен, работеше во друг локал претходно, побара замена за во Пулс, но не најде и отиде во дискотеката. Да кажам дека секој што знаел да држи рака во чаша бил таму. Бевме будни таа ноќ и јас и сопругот, околу 2.40 ги слушнавме првите сирени на амбулантните коли. Нашата тераса гледа во правец на болницата. Помислив дека е некоја сообраќајка и не се вознемирив. По 15 минути почнаа да се собираат многу возила, а потоа видовме и противпожарно возило. Тогаш сфативме дека се случува нешто многу сериозно, а имаше и многу цивилни автомобили“, раскажуваше низ солзи мајката на починатиот Андреј.
Почувствувале мирис на чад и ги фатило паника, па како што раскажа, се упатиле на другата тераса да видат и од таму што се случува.
„Со сопругот се упативме на другата тераса од станот и гледавме како свети небото зад ѕидот, а таму се наоѓа дискотеката. Изреагирав дека во ова време освен дискотеката, ништо друго не работи. Знаев дека има концерт на ДНК и си помислив дека може нешто да се случува. Им ѕвонев на двајцата синови, но никој не ми се јави. На Андреј му пишав на Инстаграм што се случува, но пораката до денес стои непрочитана. Како што бевме по дома, се симнавме кон дискотеката со сопругот. Како се наближувавме, го гледавме и пламенот. Сретнавме деца, кои ни потврдија дека Пулс гори. Се јавив кај мајка ми, бидејќи Кристијан планираше да спие кај неа, но таа ми рече дека бил да се пресоблече и заминал во дискотеката. Кога се приближивме, таму имаше премногу луѓе, се симнавме од кола и со трчање се упативме кон дискотеката. На сите страни трчаа деца, родители… Сретнав еден другар на Андреј, кој ми кажа дека Кристијан го видел, а Андреј не. Продолживме кон дискотеката, и кога се доближивме, сфативме колку е сериозно. Пред дискотеката имаше многу луѓе. Сопругот се упати во дискотеката да ги бара, а јас ги барав децата. Викав по Андреј да ме слушне. Така викајќи, едно дете, братучед ми кажа дека се со амбулантна кола во болница. Кристијан е добар, а Андреј имаше слаб пулс. Ми рече да му се јавам на сопругот да излезе, бидејќи внукот рече многумина што влегоа во дискотеката, не излегоа. Самото тоа што ми кажаа дека се со амбулантно возило ми даваше некоја сигурност дека ќе им се пружи помош и ќе бидат добри. Се сеќавам само дека ни кажуваа да не правиме застој, да се тргнеме, а ние си ги баравме децата. Се упативме кон болницата, сопругот ја паркираше колата, а јас 5 до 7 минути трчав пешки… Стасав и влегов во болницата, а таму беше уште поголем ужас“, зборуваше мајката додека и таа и роднините плачеа во еден глас.
Мајката вели дека си ги барала двајцата синови и трчала низ ходниците.
„Цел ходник беше со легнати деца на подот, на клупите, исцрнети до непрепознавање, изгорени, медицинскиот персонал трчаше, а јас викав по Кристијан и тогаш слушнав една наша докторка дека и соопшти дека нејзината ќерка починала. Ни кажаа дека има деца и во другите одделенија, да ги бараме. Се упатив во Интерното одделение, децата ги носеа со колички, а јас по сите соби влегував да го најдам Кристијан, мислев дека е заедно со неговиот брат. Како ги одминував собите, бев на крајот од ходникот, во соба број 2 налетав на Христијан, кој во тој момент влегуваше. Јас го прашав, а тој ми рече мамо не успеавме да го спасиме брат ми. Влеговме во соба број 2, Андреј изгледаше нормално, имаше некоја блага изгореница. Го прашав што се случи, тој ми рече дека му даваа адреналин, а јас му кажав дека докторите не знаат што зборуваат. Му дававме вештачко дишење бидејќи прв пат се соочувам со таква ситуација, а тој испушташе воздух и мислев дека го оживуваме и кажував да стискаат посилно, му велев на сопругот оди барај други доктори, мора да ми го вратат Андреј. Сопругот го повлече докторот што поминуваше од тука, го молев да го спаси, а тој само ми рече дека нема пулс, дека се лади. Ги прегледа и другите деца и некој од нив немаше пулс. Имаше лекари над децата на креветите и се обидуваа да ги спасат. Како влегував во собата, гледав деца како лежат, но мислев дека се пациенти бидејќи на нив немаше изгореници, тие изгледаа нормално. Мојот син Кристијан беше избезумен, луд, револтиран, мавна со раката во стаклото и го скрши стаклото и постојано прашуваше зошто, зошто“, раскажуваше мајката.
Вели, не можеле да се помират со тоа дека тие деца се мртви.
„Лекарот утврди смрт, но јас продолжив да се обидувам да го оживувам мојот син, ми рекоа да престанам дека го мачам и него, а јас ги замолив да ме остават за последен пат да се збогувам со детето. Уште не знаевме која е тежината на целиот настан и колку животи има однесено оваа трагедија. Како се симнувавме надолу, сретнавме многу познаници од Кочани што исто така ги загубија своите деца. Ми ставија инекции за смирување, а потоа сопругот ме однесе дома. Тој се врати назад и беше таму цела ноќ. Следниот ден ни кажаа дека ќе ги носат на обдукција, ние не сакавме, но ни кажаа дека мора. Јас не знам како ги поминав тие денови, постојано бев со лекови за смирување. Кристијан се спасил, за време на пожарот бил на цигара. Но тој влегувал во дискотеката и спасувал. Го видел својот брат пред дискотеката, а во амбулантното возило имало уште едно мртво дете и едно тешко повредено. Тој има доживеано трауми. По неколку дена ни кажаа дека мора сите што биле во дискотеката да одат на испитувања. Го однесовме со приватно возило во Жан Митрев, му најдоа труење со јаглерот моноксид, му дадоа терапија. Психичката состојба му беше многу лоша и денес му е, а тој се обвинува дека не можел да го спаси братот. Итно во мај месец му правевме операција на носот. Кристијан до ден денес ја преживува таа вечер, но најголема е тежината за загубата на неговиот брат. Во тие 10 минути додека извлекувал други деца, можел да го спаси брат му, ама не успеал. Во овој момент покрај неповратната загуба на едниот син, се борам и психички да го подигнам и мојот друг син. Таа траума ќе остане засекогаш кај него“, зборуваше мајката.
„За мене животот е поделен пред и по 16 март. Секое утро се соочуваш со реалноста, со празнината, со загубата, знаеш дека не можеш ништо да смениш, но се прашуваш зошто?“, вели таа.
На крајот на своето сведочење таа кажа дека родителите што ги загубија своите деца не живеат, туку преживуваат.
„Со болката се бориш, но не можеш да се помириш. Му завидувам на оној (мислејќи на газда Деко, кој ја држеше дискотеката, чиј син беше внатре и кој е жив и е обвинет во постапката) што е највиновен за трагедијата бидејќи неговиот син е до него, а мојот син никогаш нема да се врати“, го заврши своето сведочење мајката.
Судењето е во тек со сведоштва на уште две мајки што ги загубија своите деца.
Катерина Додевска






