„Овој документ ги поставува темелите за засилена заедничка работа на проекти од национално и локално значење. Целта на документот е воспоставување рамка за соработка помеѓу Здружението и општината за развој и спроведување заеднички активности, проекти и иницијативи во интерес на македонската заедница“, рече за МИА, Елена Симонофски по потпишувањето.
Задоволство од официјализирањето соработка искажа и градоначалникот Пали Колефски по ставањето потпис на документот.
„Покрај другото, области за соработка се организација на социјални, културни, образовни и информативни активности, размена на информации и експертиза за промоција на заедницата и локалниот развој“, рече тој.
Како прв конкретен чекор од оваа соработка, Здружението започна со директна финансиска поддршка за ангажирање на едно лице, кое хонорарно ќе работи во музејот на познатиот писател Стерјо Спасе во село Глобочани.

„Со ова се овозможува подобра функционалност на музејот и соодветен дочек и информирање на посетителите, кои ги има во се поголем број. Ангажирањето кустос во музејот на нашиот великан, писателот Стерјо Спасе, е само почеток на низата активности за зачувување на нашето македонско наследство“, посочи Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на Општина Пустец.

Симонофски, Темелко и Кристијан Ѓорѓи, координатор на ВМРО-ДПМНЕ Албанија за Мала Преспа го посетија музејот, а оддадоа почит и пред споменикот на Стерјо Спасе, кој се наоѓа во неговото родно село Глобочани, при што Симонофски порача дека „нашата цел е и институционална и финансиска грижа за македонските обележја во Албанија”.
МИА






