Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска на фејсбук напиша дека со потпишувањето официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
„Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа. Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните“, смета Ѓорѓиевски.
Во објавата се наведува дека потпишувањето на меморандумот испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено со одговорност и визија да ја понесе оваа значајна европска улога.
„Овој ден е повод за гордост за сите нас, за градот, за општините, за културниот сектор и за граѓаните. Тој е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар. Со ова, проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во срцето на идниот развој на нашиот град. Најдоброто, доаѓа“, додава градоначалникот.






