На потпишувањето на меморандумот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и директорката на ИНОВА, Даниела Димовска.
Потпишувањето на меморандумот, според премиерот Мицкоски, претставува силна порака дека, како што нагласи, заедно можеме повеќе и оти преку партнерство можеме да создадеме услови за развој на претприемаштвото, за подршка на стартапите, за зголемување на конкурентноста на нашите компании и изградба на економија базирана на знаење.
„Особено е важно што оваа иницијатива отвора простор за подлабока соработка помеѓу универзитетите, институциите и бизнис-секторот, што може да резултира со нови проекти, заеднички изтражувања и крирање решенија со реална примена. На тој начин се создаваат услови за задржување на младите таленти и нивно активно вклучување во развојот на македонската економија“, рече Мицкоски.

Иницијативата на ИНОВА за воспоставување соработка со државните универзитети, според него, претставува важен чекор за подобро поврзување на образованието, науката и економијата. Улогата на МОН и на универзитетите, заклучи, е од особено значење во градењето систем, кој ќе овозможи развој на квалитетен кадар, подготвен да одговори на современите предизвици.
„Истовремено, поврзувањето со приватниот сектор и институциите создава основа за поефикасен трансфер на знаење и технологија. Фокусот на ова партнерство е во согласност со нашите стратешки приоритет, а тоа се поттикнување на иновациите, поддршка на претприемаштвото и стартапите, како и развој на конкурентна економија базирана на знаење“, рече Мицкоски.
Потпишувањето на меморанумот, според министерката за образование Јаневска, е од стратешко значење за државата. Академската заедница, нагласи, е клучниот двигател на знаење, иновации и општествен напредок.
„Овој меморандум не е само формален чин, тој е потврда на нашата заедничка определба да изградиме уште посилна врска и континуирана соработка меѓу државата, универзитетите, со јасна цел поквалитетно високо образование и поактивна научно-истражувачка дејност, која ќе ја остваруваме преку Агенцијата ИНОВА“, истакна Јаневска.

Таа очекува универзитетите, а упати порака и до бизнис-заедницата, сите активно да се вклучат и да ја насочат својата научна и истражувачка работа токму кон оние области, каде што потенцијалот за напредок е најголем.
Директорката на ИНОВА, Димовска, истакна дека со потпишувањето на меморандумот се прави чекор кој е многу повеќе од формалност.
„Ова е јасна определба за градење функционален систем, во кој знаењето се движи од универзитетите кон економијата, индустријата и кон општеството. Со квалитетни универзитети, талентирани студенти, имаме сериозен потенцијал, каде што наш предизвик е да го претвориме во реална вредност“, истакна Димовска.
Меморандумот беше потпишан со ректорите на УКИМ – Скопје, ДУ – Тетово, УГД – Штип, УЈИЕ – Тетово, УКЛО – Битола, УСАП – Охрид и УМТ – Скопје, кои се обратија на настанот нагласувајќи ги придобивките од партнерството со ИНОВА и важноста на иницијативата за практична примена на знаењето.






