Договорот предвидува активности насочени кон планирање, утврдување и развој на работна сила со високо образование во согласност со потребите на бизнисот, организирање обуки, семинари и гостински предавања од страна на бизнис-секторот, консултантски и експертски услуги, заеднички истражувања и економски анализи, како и иницијативи за усогласување со европските политики.
Со договорот се отвора можност и студентите на постдипломски студии да се вклучат во решавање предизвици на компаниите преку истражувачки и магистерски трудови.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески на потпишувањето на договорот со директорката на Економскиот институт, Искра Станчева-Гигов истакна дека кадровскиот потенцијал на институтот е добар и очекува долгорочна партнерска соработка.
„Денес успешноста се базира на знаење и тука од клучна важност е соработката помеѓу науката и бизнисот. Важно е да си во чекор со времето. И важно е да се носат одлуки кои се базирани на експертиза заснована на истражувања. Тука ја гледам улогата на науката и на образовните институции“, истакна претседателот на Стопанската комора, Азески.
Станчева-Гигов додаде дека денешното потпишување на договорот за соработка претставува значаен чекор кон зајакнување на врските помеѓу академијата и бизнис секторот во земјата.
„Нашата заедничка цел е да го премостиме јазот преку испорака на кадар усогласен со потребите на пазарот, како и преку заеднички истражувања кои ќе даваат брзи и одржливи решенија за актуелните економски предизвици. Овој договор ќе овозможи подобра синергија, иновации и поддршка на економскиот развој на нашата држава“, потенцираше Станчева-Гигов.
Договорот за соработка предвидува и подготовка на заеднички публикации, како и заедничко работење на проекти во областа на конкурентноста, иновациите и извозот.






