„Она на што се однесуваше дека како Влада ќе ја прекине постапката се однесува на делот што Владата, по добиеното мислење, треба да го испрати до Собранието. Да појаснам дека Владата, и ако добие мислење од Советот на јавни обвинители, ќе ја запре постапката односно истото нема да го прати до Собрание, а Советот на јавни обвинители, согласно роковите што ги има, ќе постапува“, изјави пред повеќе од два месеци владината портпаролка Марија Митева.
На 18 февруари, Министерството за правда на владината седница го достави мислењето за работата на државниот обвинител Љупчо Коцевски, во кое бил нотиран нарушен углед на институцијата со која раководи јавниот обвинител, спротивно на член 4 став 1 од Законот за Јавно обвинителство. Согласно вака утврденото мислење, Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Откако ќе го добие Владата треба да го достави предлогот до Советот на јавните обвинители од каде, согласно законските одредби, потребно е да се добие мислење. Советот требаше за 15, а најдоцна за 30 дена да врати мислење до Владата, дали се согласува или не со ваквиот предлог.
Владата ја стопира постапката за разрешување на државниот обивнител Љупчо Коцевски за да му даде шанса на обвинителството целосно да се посвети на истрагата за трагедијата во Кочани.
„Во овој момент, имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството, планираме таа постапка да ја прекинеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат на случајот во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни, впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа меѓу МВР и Јавното обвинителство што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на крајот на март.
Мицкоски тогаш му порача на обвинителството дека го охрабрува и за други случаи од минатото за кои јавноста е чувствителна, да констатира дали имало неправилности, дали правдата била селективна или не и за можноста повторно да ги преразгледа.
Постапката за смена на државниот обвинител е пред Советот на јавни обвинители. За една недела треба да биде подигнато и обвинението за трагедијата во Кочани, а по ова ќе продолжи и постапката за разрешување на Коцевски.
К.Д.