сабота, 28 февруари 2026

Посебен сообраќаен режим во Тетово, Гостивар и Дебар поради посетата на албанскиот претседател Бегај

Во Тетово, Гостивар и Дебар денеска ќе има посебен сообраќаен режим поради престојот на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој ја завршува тридневната официјална посета на земјава.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Општина Тетово и СВР Тетово информираат дека денеска во градот ќе има привремени безбедносни мерки, посебен режим во сообраќајот и забрана за паркирање на повеќе улици по повод посетата на претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај на Тетово.

Општина Тетово препорачува возила да не се паркираат на булевар „Маршал Тито“ од почетокот до кружниот тек кај пазарот со булевар „Благоја Тоска“, на булевар „Благоја Тоска“ од кружниот тек со булевар „Маршал Тито“  до зградата на Општина Тетово, на улица „ЈНА“ („Дервиш Цара“) во целост, до семафорите, на улица „Илинденска“ од Основен суд до Универзитетот на Југоисточна Европа, на улица „Киро Ристоски-Дрнц до Арабати Баба Теќе, на улица „ВонВардарска“ и на улица „172“.

„Возилата паркирани спротивно на известувањето ќе бидат отстранети од страна на службите“, наведуваат од Општина Тетово.

СВР Тетово апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат полициските службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

„Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедноста на патниот сообраќај Гостивар при СВР Тетово ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Тетово и Гостивар“, посочија од СВР Тетово.

Согласно агендата, претседателот Бегај ќе ја посети Општина Тетово,  ООУ „Лирија“, Шарената џамија и Арабати Баба Теќе.

Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, кој е во тридневна официјална посета на земјава, по посетата на општина Гостивар, престојот ќе го заокружи со посета на Дебар, во попладевните часови, од каде преку граничниот премин Блато ќе замине за Албанија.

По тој повод од ОВР Дебар соопштија дека попландево во сила ќе биде посебен сообраќаен режим со цел непречено движење на возилата од делегацијата и непречено одвивање на предвидените активности.

„За таа цел, полициски службеници од ОВР Дебар и СВР Охрид, ќе вршат физичко обезбедување на трасата на движење како и на објектите каде се предвидени работни средби. Мерките стартуваат утре, 28 февуари од 12 часот и ќе траат до 19 часот“, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секорот за внатрешни работи -Охрид.

Дообјаснува дека посебниот сообраќаен режим ќе се спроведува со повремено затворање за сообраќај на регионалниот пат Р-1202, од Бошков мост до Дебар, улиците „Елена Ѓика“ од АД „Кнауф“ до кружен тек „Енѓи“, улиците „Иса Болетини“, „Јусуф Грвала“ и регионалниот пат Р-1201 до улиците „Мојси Големи“, „Амди Леши“, Јосиф Багери и регионалниот пат 1202 Дебар- граничен премин Блато.

„Апелираме до граѓаните и до сите учесници во сообраќајот, да се придржуваат до насоките на полициските службеници кои ќе вршат обезбедување и на исклучивост во користењето на своите моторни возила во овој временски период“, посочува Димоски.

Според Општна Дебар, Бегај ќе се сретне со градоначалникот, Фисник Меља, но не се предвидени изјави.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера со државни и воени почести го пречека претседателот на Албанија Бајрам Бегај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ