недела, 25 јануари 2026

Поранешниот претседател на МАНУ, Коцарев бара оставка од актуелниот, Попов

Во колумна во „Нова Македонија“, насловена „Претседателе, време е да заминете од функцијата претседател“, поранешниот претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев го повикува актуелниот прв човек на Академијата, Живко Попов да ја напушти функцијата. Причините за ова барање, Коцарев ги гледа во огромниот број нелегални дејства што ги потпишал претседателот на МАНУ во 2025 година. Коцарев го повикува и Државниот завод за ревизија да направи ревизија на работењето на МАНУ. Но поранешниот претседател смета и препорачува, дека за доброто на институцијата сегашниот претседател треба да си замине од функцијата.

Објавено на

часот

Сподели

„Дали состојбата во МАНУ, можеби, ќе се подобри во втората половина на 2026 година? Според моето мислење, надминувањето на состојбата во која се наоѓа МАНУ, ќе повторам – за што е виновен исклучиво претседателот на МАНУ, се граничи со невозможна мисија. Разумот и словото на правото одамна – повеќе од една година, не се присутни во просториите на Академијата. Континуирано, синхронизирано и оркестрирано, низ шепот, провејуваат неосновани обвиненија против мене, се оцрнува работата на досегашниот секретар на Секретаријатот на МАНУ, се проблематизираат барањата на членовите на МАНУ, кои за одредени прашања немаат исто мислење со претседателот на МАНУ, се напаѓа дел од администрацијата како дел од целокупното сценарио, се оптоваруваат со административна работа научните соработници коишто соработуваат со мене, па оттука, надежта дека Собранието ќе стори што било со забележителен ефект е многу мала.
Ако очајот и надежта се илузии, како понатаму? Додека научниците копаат подлабоко во мистериите на времето (некои тврдат дека каузалноста е света и мора да се зачува по секоја цена, други се залагаат за идејата дека иднината влијае на минатото, трети веруваат дека времето ги содржи сите свои различни својства во зависност од тоа како го користиме: димензијата на време-просторот, величина според која треба да се мери и неповратната стрелка), нам ни останува можноста сега да сториме нешто. Дали ќе имаме сили да се соочиме со вистината и да поведеме соодветна постапка пред највисокиот орган на МАНУ, со цел да ги возобновиме вредностите, правната сигурност и изворните интереси на институцијата, зацртани уште во времето на нејзиното втемелување, а фокусот да го поставиме на основната и суштинска дејност, достојна за титулата академик и за научноистражувачката и културната општествена сфера каде што и припаѓа Академијата како ентитет од посебен општествен интерес? Да се ​​повлечеме и да мудруваме, да деконструираме зошто работите не успеваат е многу полесно отколку да останеме одговорни за она што некој сè уште продолжува да го прави. Некој, којшто сега е затекнат од можноста да раководи, но тоа го злоупотребува на таков начин што не може да се искаже, може да ги блокира моите постапки, да ги фрустрира моите планови и да предизвика мојата потрага по вистината и по правдата да пропадне; тој може да предизвика моите желби за праведност и за вистинољубивост да пропаднат, но не може да ми ја одземе способноста да сакам. Но тоа беше во минатото – молчев, надевајќи се, во очај, на подобри времиња. Меѓутоа, и очајот и надежта се илузии.

За некои мислители, разликата помеѓу минатото, сегашноста и иднината е илузија: физичките равенки не прават разлика помеѓу „сега“ и кој било друг момент. За други мислители, бидејќи животот може да се доживее само сега, сегашниот момент е „вечен“ – тоа е единствената арена каде што се случува постоењето. Меѓутоа, за сите „сега“ треба да значи нешто многу повеќе: тоа треба да биде нашата совест. Мислителите прават разлика меѓу зборовите: Претседател и претседател. Првиот збор се користи за „човекот што ја извршува функцијата претседател“, додека, вториот, за „канцеларијата претседател“. Парафразирајќи го Тукидид, најголемата закана за МАНУ доаѓа однатре. Зборот „однатре“ се однесува на владеењето со институцијата, или, цитирајќи го Вебер, се манифестира преку „харизмата на канцеларијата и достојноста на личноста што ја окупира неа“. Парафразирајќи ги зборовите на Исус, пазете се од лажните претседатели, „кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи“ (Матеј 7:15), Ви се обраќам Вам, претседателе, зашто Вие не сте достоен за извршување на функцијата претседател. Заминете си, за доброто на МАНУ!“, пишува Љупчо Коцарев во колумната во „Нова Македонија“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ