среда, 10 декември 2025

Поранешниот министер Сараќини потпишал дозвола за друга дискотека, а не за „Пулс“

Правно, фактички и логички неиздржано е обвинението против поранешниот министер за економија Ваљон Сараќини во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, истакна денеска неговиот бранител Даниел Георгиевски во воведниот збор во судницата на Кривичниот суд во Иризово.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

За што е обвинет поранешниот министер кога во 2012 година воопшто не била издадена лиценца за објектот каде што 13 години подоцна се случи пожарот, рече тој.

„Во 2012 година во Министерството за економија врз основа на барање е издадена лиценца за угостителска дејност кабаре кое се наоѓа на улицата ‘Димитар Влахов’ бб во Кочани, која е сосема различна од адресата на дискотеката ‘Пулс’, која е на улица ‘Крижевска’ во Кочани. Тоа ќе се презентира и во вештачењето. Се работи за две сосема различни локации и за различни правни лица“, рече адвокатот Георгиевски.

Фрапира креативниот пристап на Јавното обвинителство во воведниот говор, скроен за задоволување на јавноста, при што се избегнати клучни факти, посочи адвокатот.

„Дали со ваквото обвинение ЈО сака нова неправда и нови жртви, а на товар на оние што ги изгубија најмилите? Јавното обвинителство во својот воведен говор ја избегна вистината, дека министерот за економија во 2012 година не издал лиценца за објектот за кој зборуваме. Ова е клучна околност. Различна адреса, различен објект, различен субјект во таа постапка, беа целосно премолчени во воедниот говор на ЈО. Тоа покажува дека обвинението не почива на вистина, туку на конструкција“, рече Георгиевски.

Адвокатот смета дека Обвинителството ја игнорира законската рамка и надлежностите на министерот за економија и се обидува да му утврди одговорност само со општа формулација, а никаде во описот нема одговор кои се аргументите за кривичното дело.

„Обвинителството сака да претстави дека министерот за економија во 2012 издал лиценца, имал умисла и предизвикал општа опасност во соизвршителство со сите други обвинтети. ЈО има две фундаментални невистини – дека издадените лиценци од 2012 и во 2024 година се за исти објекти, а не е така, и второ, дека министерот во 2012 имал надлежност да постапи поинаку, а не е така. Надлежноста на министерот е сведена на формална постапка регулирана со Законот за угостителска дејност. Како е можно тогашниот министер, кој издава лиценца со рок на важност од една година да гарантира и да одговара за друг објект 13 години подоцна, во време кога објектот воопшто нема активна лиценца? Од оваа апусрдност може да се извлечат многу паралели, но сериозноста на случајот не ми дозволува да го направам тоа“, рече бранителот Георгиевски.

Тој истакна и дека Сараќини првично воопшто не го потпишал, туку го одбил првото барање за лиценца откако побарал мислење од Државниот пазарен инспекторт дали објектот ги исполнува условите.

Лиценците согласно со закон имаат важност од една година, а лиценцата од 2012 година не значи дозвола на „Класик М“ да врши дејност на друга локација, да биде дискотека наместо кабаре, да прима прекумерен број луѓе и малолетни деца пред или по полноќ и во истата да се внесуваат и користат пиротехнички средства на недозволен начин, додаде адвокатот.

„Како може да прекршите одредба од закон што воопшто и не постои во закон. За каква каузалност зборуваме овде, за каузалност за лиценца што има рок од само една година, за каузалност за објект што неколку пати е реновиран и реконструиран. За каузалност кога во времето на случување на трагедијата објектот воопшто нема активна и важечка лиценца и за каузалност што не го опфаќа периодот од 2014 до 2017 година, а важечки е истиот закон што го регулира ова прашање“, изјави Георгиевски.

Тој додаде и дека издавањето лиценца е предмет на нови постапки и процедура што се повторува независно секоја година. Како што рече, дозволата издадена во 2012 година одамна престанала да важи и секоја нова лиценца била предмет на нова постапка.

Втората адвокатка на ексминистерот, Татјана Поповски Буловски, рече дека одбраната ќе докаже дека Сараќини нема вина за трагичниот настан и дека ќе дадат свој придонес за правда и да се идентификуваат вистинските сторители.

„Издавачот на лиценца, во овој случај Министерството за економија, не испитува исполнетост на материјални услови за добивање лиценца, туку испитува постоење на формални услови, односно дали е поднесена бараната документација. Оттука тврдењата дека документацијата во конкретниот случај во 2012 година не била потполна не е точна. Документацијата била потполна, но дали била вистината, на тоа прашање треба да се произнесат барателот ‘Класик М’ и неговите одговорни лица и инспекторите од ДПИ кои вршеле проверки по тие пријави за исполнетост, а не Министерството за економија, уште помалку министерот“, рече Поповски Буловски.

Поранешниот министер Ваљон Сараќини рече дека нема што друго да додаде по излагањето на неговите бранители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ