Иљази беше осудена за „злоупотреба на службена положба и овластување“ на условна осуда со казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 4 години не стори ново кривично дело. Таа ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица.
Во мај 2024 година склучувала договори за дело со лица за нивно работно ангажирање на Клиниката за токсикологија при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи.
Новиот директор на Клиниката за токсикологија, професор доктор Андон Чибишев, откако беше разрешена Иљази им соопшти на 18-те ангажирани со договор на дело од болницата кои со месеци незаконски одеа на работа – повеќе да не доаѓаат на работа, со исклучок на биологот, бидејќи беше потребен за опстојување на токсиколошката лабораторија.






