Симпозиумот, годинава на тема „Мрежи“, е посветен на императорот Јустинијан Први и има цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа. На шесте сесии во текот на двата работни дена од научниот собир ќе бидат презентирани најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии.
На отворањето на симпозиумот, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков истакна дека наследството на Јустинијан „останува живо сведоштво дека човековото творештво може да го надмине заборавот на вековите“.
Во контекст на годинашната тема, Љутков истакна дека Јустинијан е „пример на бесмртност преку поврзување“.
„Преку своето наследство, Јустинијан обедини култури, јазици и традиции, оставајќи визионерско царство на духот што продолжува да ги инспирира и да ги поврзува народите низ вековите. ‘Деновите на Јустинијан’ не се само потсетник на едно славно минато. Тие се повик кон сите нас да го продолжиме она што тој го започна: да градиме мостови меѓу културите, традициите, културното наследство и времињата. Особено денес, кога преку византиското наследство и културата градиме академски и културен мост меѓу Македонија и Италија, како и со многу други земји што се дел од овој симпозиум“, рече министерот.

„Деновите на Јустинијан Први“ се поддржани и од Амбасадата на Италија во земјава, со што е поттикната академската соработка со Универзитетот во Болоња. Актуелниот амбасадор на Италија, Паоло Палминтери, на отворањето рече дека е горд што амбасадата и италијанската академска заедница учествуваат во оваа иницијатива уште од самиот почеток, нагласувајќи дека „Деновите на Јустинијан Први“ станале важен годишен форум за дијалог и истражување.
„Годинашната тема ‘Мрежи’ потсетува на врските што некогаш ги поврзуваа Константинопол, Солун и поширокиот византиски свет. Овие мрежи беа интелектуални, духовни и длабоко човечки, а не политички и економски. Сепак, длабоката културна димензија помогна во одржувањето на кохезијата низ огромните територии и меѓу различните народи на империјата. Несомнено, делото на Јустинијан беше фундаментален дел од овој процес. И ние денес живееме во мрежи – на знаење, соработка, културна размена што ги поврзуваат европските општества. Во оваа смисла, искуството на Јустинијан и Византија претставува моќна парадигма за Европа што ја градиме: заедница каде што споделените вредности и заедничките принципи се основа за инспиративен дијалог што води кон меѓусебно културно збогатување“, истакна амбасадорот.
Порача дека минатото треба да се проучува „за да ја разбереме сегашноста и да ја протолкуваме нашата современа реалност“.
„Сепак, мора да гледаме и кон иднината. Не можам да замислам друга иднина освен политичкото обединување на европското семејство, со пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, особено Македонија, која чека долго време. Нашето заедничко културно наследство треба да нè води кон обединета Европа“, додаде Палминтери.
Симпозиумот секоја година опфаќа и теми од црковната историја и духовното наследство, со оглед дека овој византиски владетел од 6 век стремел за воспоставување хармонија меѓу државната и црковната власт и е основач на архиепископијата „Јустинијана Прима“.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во поздравното обраќање истакна дека во византискиот свет идејата за вмрежување никогаш не била само морален или социјален идеал, „таа била многу повеќе од тоа, била реалност основана на тајната на телото Христово“.
„Таа христијанска визија ги надминува временските, етничките и политичките граници и го претставува човештвото како собрано, помирено и обновено во Христа. На тој начин, вмрежувањето на народите не е политичка утопија, туку е вистинско богословско собитие кое ни обзнанува дека секој народ и секоја култура се поканети да станат дел од еден ист организам – црквата, во која разнообразието не се укинува туку се преобразува … Секој човек, народ и култура го добиваат своето значење преку врската со другите и со Бога. Затоа таа мрежа е исткаена од љубов, молитва и заемно служење. Следствено, вмрежувањето меѓу народите се обликува не преку доминација или асимилација, туку низ заемност и единство каде животот на еден се влева во животот на другиот“, рече г.г. Стефан.

Воведни обраќања имаа и организаторите на симпозиумот: проф. д-р Митко Б. Панов, претседател на Меѓународниот организациски и научен комитет; проф. д-р Џузепе Маино, коорганизатор од Унивезитетот во Болоња и проф. д-р Илче Мицевски Игнат, декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, кои посочија на важноста на настанот во продлабочувањето на културниот дијалог што ќе ги зајакне академските врски на учесниците.
Проф. Панов кажа дека сеопфатниот тематско-содржински концепт на овој симпозиум во повеќе од една деценија потврдува дека тој станува културен и историски бренд, кој ги обединува земјите и нациите кои го споделуваат византиското наследство, како и научниците од Европа и светот.






