Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што информираат од ЈП „Национални шуми” – Скопје, денеска согласно член 57, став 3, дало согласност за Целосна забрана за движење во шума и шумско земјиште што ќе стапи во сила од 01.07.2025 и ќе трае до 31.08.2025 година.
За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, се изрекува глоба од 1500 до 2000 евра во денарска противвредност.
Целосната забрана за движење во шума и шумско земјиште не важи за вработените во ЈП „Национални шуми”-Скопје и подружниците, како и за вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за одбрана, Шумска полиција, Центар за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ), субјектите што вршат шумскостопански активности сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти на површините со кои стопанисува ЈП „Национални шуми” – Скопје, припадниците на ловочуварската служба и службени лица од корисниците дивеч во ловиштата кои вршат работи за корисникот на дивеч во ловиштето и на лица кои што имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми” – Скопје.
Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми” кои вршат дејност заштита, Шумска полиција, МВР и ДИШЛ.