Прилепските локални власти допрва ќе бараат како да ја надоместат штетата од 10.000 евра и комплексот како загрозено светско културно наследство, да биде ставен во функција.
Според Игор Гулабоски, директор на Водовод и канализација од Прилеп, кражбата се случила пред Нова Година кога требало водоводот да биде свечено ставен во функција.
„Пред Нова Година добивме повик од манастирот дека е направена кражба на сето тоа што е монтирано. Штетата е околу 10 000 евра. Тоа е пријавено во полицијата. Украдени се кабли, некоја електроника. Сега, во март, треба повторно да се обнови и повторно да се стави во функција. Беше ставен во функција, беа денови во прашање, двата резервоари беа наполнети. Но кражбата спречи да биде целосно во фукцвија. Во март сакаме повторно да го направиме тоа“, вели Гулабоски.
Локалните прилепски власти овој месец ќе бараат пари за да се надомести штетата. Градоначалникот Борче Јовчески уверува дека тоа може да се среди за ден до два.
„Веќе бевме пред пуштање во употреба на водоводот. Настана кражбата. Работиме на тоа повторно да се обезбедат средства за обезбедување на тие материјали кои што може за ден-два да се имплементираат во тој водоводен систем. Инаку, изворот е комплетно обезбеден и останува да го дозавршиме и да го објавиме како завршен проект“, објаснува Јовчески.
Конаците на манастирот Трескавец изгореа пред 12 години, на 4 февруари 2013 година. За нивната обнова државата вложи околу два милиона евра. Не може да бидат во функција без водоводот и мини пречистителна станица. Водоводот се градеше со 100.000 евра, обезбедени од ТАВ-програмата и со уште три милиона денари од буџетот на прилепската локална самоуправа. Најавите беа дека ќе биде готов до крајот на 2023 година.






