Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, информираше дека поради недоволниот број присутни членови не се исполнети условите за одржување на седницата, по што таа е одложена, а новиот термин дополнително ќе биде соопштен.
„Дел користат годишен одмор, дел се на боледување“, изјави Камбовски.
На двајца членови Миљазим Мустафа и Селим Адеми им е истечен мандатот, а на седницата не беа присутни и членовите по функција, министерот за правда и претседателот на Врховен суд.
На дневен ред на 534-та седница на Судскиот совет беа ставени повеќе точки, меѓу кои за престанокот на судиска функција поради стекнување услови за старосна пензија, поплаки и претставки за работата на судиите и судовите, како и формирање комисии за постапки за утврдување одговорност.
Дневниот ред опфаќа и расправа по пресудата на Управниот суд У‑5 бр. 380/2025, за уставната судијка Елизабета Дуковска, како и по известувања за утврдена фактичка состојба.






