Според првиот човек на Академијата, промените „мора да имаат системски карактер и да се третираат како стратешки приоритети на државата“. Меѓу другото, рече, тие би вклучиле формирање на посебно Министерство за високо образование и наука, унапредена и рационална законска рамка за високо образование, научно-истражувачката дејност.
„Но, Македонската академија на науките и уметностите премногу долго време чека на донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за МАНУ, за што ја користам оваа посебна прилика да апелирам државните институции тоа да го направат што поскоро“, истакна академик Попов.
Претседателот на МАНУ укажа и на потребата од гарантирано финансирање на основните функции на државните академски институции (образование, наука, иновациски развој и апликативна дејност), „значително дебирократизирање и поголема флексибилност на трезорскиот систем, законско дефинирање на минимални критериуми за академско регрутирање, унапредување и избор на раководен кадар, воведување мерки што стимулираат академска извонредност, формирање на посебен фонд за поддршка на научна работа, сеопфатна програма за социјална грижа на студентската популација и академскиот подмладок, борба против одливот на академски кадар“ итн.
„За пофалба е што денес, преку активностите на Министерството за образование и наука, сведочиме на создавање на клима за реализација на дел од овие суштествени стремежи“, посочи Попов.
Во обраќањето тој соопшти дека во научната програма за 2025 се работи на вкупно 75 научно-истражувачки проекти од разни области. Од нив, 45 се реализираат во одделенијата на МАНУ и 30 во истражувачките центри на Академијата. Оддделенијата и центрите при МАНУ за годинава предвидуваат 36 научни собири и конференции, домашни и меѓународни, а се работи и на обемна издавачка дејност – 27 периодични и 40 посебни изданија. Попов се осврна на активностите на секое од одделенијата и истражувачките центри на МАНУ.
Потсети и дека 2025 е изборна година во МАНУ и дека се реализира постапката за нови членови на Академијата, нагласувајќи притоа дека таа е „отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, без оглед на нивната етничка, верска и каква било друга припадност“.






