недела, 15 февруари 2026

Поплави во Кичево, евакуирани се 180 лица

Во Kичевскиoт регион во текот на ноќта, обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на Зајашка река на улица „Прилепска“, каде што се зафатени повеќе куќи. Извршена е евакуација на околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“. Регистрирано е и заезерување на улица „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Објавено на

часот

Сподели

На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во 10 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржа состанок во Општина Кичево, по што беше организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.

Во Скопскиот регион, во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани.
Пријавени се поплавени дворни места во село Идризово (Општина Гази Баба),
поплавувања во село Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во село Зелениково (Општина Зелениково), поплавено дворно место во населба Радишани (Општина Бутел). Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.

Во тетовски регион, преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата.
Од 7:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег.
Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.

Во Гостиварско, во градот и околните населби пријавени се поплавувања на куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во село Балиндол, при што се поплавени неколку куќи.
Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка. За случајот веднаш се известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот. Претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ