Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), состојбата на поголемиот дел од земјата е стабилна и без нарушување на редовната состојба.
Во северниот дел на земјата, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевање на реки, ниту последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат ситуацијата. Исто така, Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип се без пријавени поплави или одрони, со стабилна состојба под контрола.
Во Охрид, поплавени се подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид постапуваат по пријавите.
Во Кичево, повеќе стамбени објекти на ул. „Прилепска“ се поплавени, започната е евакуација на жителите, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Струга е погодена од поголем одрон на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда, а ЈП „Македонија пат“ презема активности за санација.
Во Тетово и Гостивар се регистрирани одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, со повремени отежнувања на сообраќајот. Излевања на реките Вардар, Лукавичка и Сушичка предизвикаа поплавување на земјоделско земјиште и дворови. За состојбата се известени локалните власти, ДЗС, ЈКП „Комуналец“, ПС Гостивар, како и ХЕЦ Маврово, каде е преземено намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постоечките канали, е поплавено обработливото земјоделско земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и координира активности со надлежните институции.
Во Битола и Ресен, одрон кај с. Сирхан е саниран, додека во с. Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и ДЗС Ресен.
Врнежите продолжуваат, а надлежните институции континуирано ја следат состојбата на теренот и водостоите на реките.






