Никој од оние кои не ја заштитија со име и со презиме уште не е изведен пред лицето на правдата. Од Обвинителството за МКД.мк одговорија дека предметот уште е во фаза на предистрага и дека се работи на прибирање на докази.
„Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение активно постапува по известувањето доставено од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР. Предметот се наоѓа во фаза на предистражна постапка, при што се сослушани сите полициски службеници и други лица во својство на сведоци и се преземаат и други дејствија во насока на прибирање докази релевантни за случајот“, стои во одговорот од Обвинителството.
Двојното убиство и самоубиство се случија на 15 септември минатата година во Велес. Тогаш Стефановски ја уби поранешната девојка, Коцева и нејзиниот татко од Велес. Убиецот откако ги извршил убиствата, сам се повредил со остар предмет, по што починал. На ова убиство и самоубиство му претходеле многу пријави во полицијата поднесени за насилство врз Росица, но и од други девојки кои го пријавувале Илија. Но, по трагедијата изјавите на надлежните беа дека се виновни институциите. Ама име и презиме или конкретни судски постапки и докажана вина, нема.
Неколку дена пред убиството од Основниот суд Велес беше изречена беше и условна пресуда за пријавениот.
Министерството за внатрешни работи десетина дена по оваа трагедија соопшти дека по насока на министерот Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди извршил детални проверки за постапувањето на СВР Велес по сите пријави поднесени од жртвата Росица Коцева.
Од направените контроли беше утврдено дека во најголем дел од случаите полицијата постапувала согласно законските процедури и дека против пријавениот била поднесена кривична пријава, која завршила со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола констатирала дека во дел од претходните пријави не било постапено целосно согласно законските обврски. Поради тоа, предложено беше спроведување дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените неправилности писмено уште лани во септември беше известено и Јавното обвинителство, кое треба да постапува понатаму во рамки на својата надлежност.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за постапувањето на 11 полициски службеници во однос на случајот за кој прашувате. По спроведената постапка, од страна на Одделот за дисциплински постапки се изречени соодветни санкции за вработените, но какви се казните и дали овие лица се уште вработени во МВР, нема одговор.
Според Законот за кривична постапка, јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава. По приемот на кривичната пријава или по добиеното известување од полицијата, со постапката раководи јавниот обвинител. Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна, а во текот на оваа постапка се одлучува дали има индиции кои водат до тоа дека против одредено лице или лица сторило или сториле кривично дело, па потоа се отвора истрага.
Истражната постапка според Законот за кривична постапка се пoведува против определено лице кога постои основано сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог. Истражната постапка ја спроведува надлежниот јавен обвинител, при што на располагање ја има правосудната полиција, а во истражната постапка се собираат докази и податоци што му се потребни на јавниот обвинител за да може да одлучи дали ќе поднесе обвинение или ќе се откаже од кривичното гонење.
Слоганот на маршот „Нема да нè снема“ кој се одржа пред три дена по повод 8 Март, ја изрази непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и се обидуваат да ги избришат. Со транспаренти „Од Скопје до борба без граници“, „Правда за Росица“, „Правда за Ивана“, „Повеќе ќе те сакам ако си со мене на марш“, „Ниту една повеќе“ и „Здраво, колку букети ви е животот“, учесниците испратија порака за унапредување на правата на жените и поголема општествена еднаквост.
Учесниците нагласија дека празничните честитки и симболичните гестови не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и дискриминацијата. Тие побараа и оставки во Владата.
Од протестот беше порачано и дека барањата на женските организации остануваат исти со години.
Неодамна се случи и нова трагедија во која мајка скокна од балкон на висококатница во Карпош. И двете починаа на лице место, а на оваа трагедија и претходеле серија кривични пријави за насилство кое траело цели 7 години. Никој ни овде не ги заштити мајката Ивана и ќеркичката Катја од насилните раце на сопругот и татко.
Онаму каде што требаше да се чувствуваат најбезбедни, тие живееле во пекол кој сите го слушале, пријавувале, ама никој од институциите не ја заштити. И овде исто така се водат постапки кои треба да покажат дали и кој не постапил, па дозволил жената која со години била жртва на насилство да си го одземе животот држејќи го в раце сопственото дете.
Ден пред 8 Март, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на социјалните мрежи напиша дека уште двајца ќе се соочат со правдата по брза постапка, едниот за семејно насилство, а другиот за демнење на жена. Според Тошковски, тоа било јасна порака дека насилството и вознемирувањето нема да се толерираат.
Но, никој уште не даде одговор кој толерирал да не се постапи во случајот во Росица, па со Ивана… и со уште многу други жртви на семејно насилство кои пријавуваа, бараа заштита, но на крај животот им заврши токму од рацете од кои требаше да бидат заштитени од институции, односно да ги заштитат од МВР, ЦСР, Обвинителство…
Танкица Младеновска, Емилија Пешева, Росица Коцева, Ивана и Катја Јовановски… Ова не се само имиња и презимиња, ова се жртви на семејно насилство, човечки судбини чиј последен здив се должи на пропусти на институциите.
Овие жени, а меѓу нив и едно дете, не добија право на сигурен и безбеден живот, на насмевка, на среќа, на мир, на ден исполнет со радост, туку само крици во кои се гушеле со денови, месеци, години, ама никој не ги слушнал, односно ги слушнале, ама доцна, кога нивните животи веќе згаснаа.
Катерина Додевска






