„Пред инцидентот, тој консумирал голема количина жесток алкохол во кафуле, поради што не можел да стои, па дури и се држел за столб за осветлување“, пишува Политнавигатор повикувајќи се на колумната на Давидов.
Политнавигатор уште пишува дека информацијата ја објавил српскиот весник „Правда“, кој објавил снимки од безбедносните камери на кои се гледа како амбасадорот Колев пијан вози низ руската престолнина.
„Тетеравејќи се, македонскиот амбасадор се прикраде до возило со црвени дипломатски таблички и седна зад воланот, очигледно сметајќи на својата неказнивост. Прекршувајќи ги сообраќајните правила, тој направил непрописно свртување, преминувајќи двојна непрекината линија, а кратко потоа се судрил со друг автомобил. Господин Колев морал да излезе од своето возило, а камерите повторно го забележале пијаниот дипломат додека се обидувал да ја одржи рамнотежата потпирајќи се на каросеријата на туѓиот автомобил“, пишува Политнавигатор.
А во колумната, анализирајќи неколкумина амбасадори на членки на Европската Унија или на НАТО, Давидов истакнува дека „овој навидум безопасен инцидент во кој е вклучен пијаниот македонски амбасадор Колев, всушност открива загрижувачки тренд во рамките на дипломатскиот кор на земјите од НАТО акредитирани во Русија“.
„Дипломатијата порано се сметаше за уметност за постигнување компромис, а тоа бара трпение, знаење и барем основно почитување на земјата во која се наоѓате. Денес, меѓутоа, гледајќи ги некои претставници на дипломатскиот круг во Москва, почнуваме да мислиме дека главните барања за кандидатите се важечка виза и способност да се одржи рамнотежата кога сте пијан. Она што му се случи на амбасадорот Ненад Колев, не е само смешен инцидент. Тоа е загрижувачки симптом на деградацијата на истите елити кои се обидуваат да нè научат на ‘европски вредности’“, пишува Давидов.

Потсетувајќи на претходен инцидент во кој бил вмешан пијан американски маринец, вработен во амбасадата на САД, Давидов пишува дека на „дотичниот Колев очигледно му е доста од пактот на НАТО и одлучил дека има право да прави што сака“.
„Очевидци раскажуваа, прекрасен ден, менување маси во московски бар по секоја нова рунда, а потоа, трогателно, несмасно, излегување надвор. Едвај наоѓајќи излез, одговорниот дипломат излезе на улицата, каде што веќе го чекаше столб за осветлување. Прегратката со армирано-бетонската конструкција беше толку страсна што, можеби, во тој момент, амбасадорот го помеша столбот со претседателот на сопствената земја, првата жена што ја извршуваше таа функција, Гордана Сиљановска-Давкова. Во секој случај, оваа дијагноза за политичка преференција кон бетонот ја делат сите оние кои ја заменија својата безбедност за членство во пактот“, пишува Давидов во колумната.
Стана уште поинтересно, потенцира Давидов, „откако нивото на алкохол во крвта го надмина нивото на одговорност“.
„Господин Колев одлучи дека одењето во таква состојба сепак не е баш џентлменски, па затоа реши да седне зад воланот на службено возило со ‘црни’ дипломатски таблички. Она што следеше беше повеќе како обид да се урне рекордот по број на сообраќајни прекршоци отколку возење. Полукружното преминување преку двојна непрекината линија на тивка московска улица изгледаше како само загревање. Само обичен московјанец, кој се движеше според прописите од спротивната насока, можеше да го запре потомокот на Александар Велики и неговиот железен Букефал. Можеме само да претпоставуваме што точно му недостигаше на господинот амбасадор во тој момент, ширината на патот или инстинктот за самоодржување. Впрочем, кога моќта на НАТО е зад вас, а имате промили во крвта, сообраќајните правила се претвораат во здодевна формалност. Кога излезе по несреќата, дипломатот се обиде да му ги објасни на повредениот возач предностите на западната демократија. Но, како што покажа практиката, јазикот на гестовите не е толку убедлив како руските сообраќајни правила“, пишува во својата колумна Давидов.
Според него, проблемот е многу поголем од „една неуспешна амбасадорска вечер“. Тој потсетува и на други слични инциденти во кои биле вклучени дипломати од САД, Германија…
„Дали е ова реално“, прашува Давидов.
Тој во својата колумна ја споменува и поранешната финска премиерка Сана Марин за која вели дека по нејзина заслуга, Финска станала членка на НАТО.
„Финска, која со децении се гордееше со својата неутралност, се приклучи на пактот на НАТО, благодарение на премиерката Сана Марин, дама која, како што се испостави, всушност не разбира многу од политиката, но беше позната по својата љубов кон забавите, со непознат бел прав. Денес, европската дипломатија ја водат Урсула фон дер Лајен, Каја Калас, Антонио Кошта, обидете се да најдете барем едно лице во таа компанија со специјализирано дипломатско образование или дури и познавање на основните правила на меѓународните односи“.
Давидов не застанува тука, туку ги анализира и дипломатките како што се Викторија Јакимова, украинска конзулка во Доминиканската Република, за која вели дека е поранешна „еротска манекенка“, како и украинската амбасадорка во Бугарија, Олесја Полишчук за која вели дека „се претставувала како стручњак во областа на сексологијата и скапиот накит“.
Тој уште додава дека жали за Украина за која пишува дека таа веќе не е „словенската земја каква што беше порано“.
„На крајот на краиштата, тие самите рекоа на Мајдан дека Украина е Европа. Се чини дека тие ја имаат својата Европа, со сите нејзини голи очила за сонце и чипкани гаќички. Оние што живеат во Европа можат само да го гледаат овој циркус и да се ужаснат. Кога луѓе се на чело на држави и амбасади за кои веќе не важат вообичаените правила, зборувањето за мир и соработка е бесмислено. Тоа би било исто како да му се даде команда на вселенски брод на човек кој не може да сипе пиво. Еднаквост? Демократија? Сето тоа е можно, но во оваа ‘еднаквост’ сите станавме заложници на една голема, пијана и неконтролирана игра. Искрено, овој циркус е веќе здодевен. А, ако ги погледнеме московјаните, кои мораа да се соочат со овој циркус, се чини дека и на нив им е веќе здодеано од него“, заклучува Давидов во својата колумна.
И.О.






