понеделник, 8 декември 2025

Политико: Пофалби од ЕК за Македонија за усогласеноста со надворешна политика на ЕУ, „заглавена“ од Бугарија

Европската комисија денеска ги објави годишните извештаи за напредокот на земјите – кандидати за членство во Европската Унија, кои претставуваат сеопфатна оценка на реформите и евроинтегративниот процес на секоја земја.

Објавено на

часот

Сподели

Според најавите и дипломатските извори на „Политико“, уште пред објавувањето на извештајот, Македонија ќе биде пофалена за инвестициите и целосното усогласување со надворешната политика на Европската Унија, како и за учеството во регионалните иницијативи – области кои се во надлежност на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Како што наведува „Политико плејбук“ (POLITICO Playbook), земјата и натаму е „заглавена“ поради нерешените билатерални прашања со Бугарија поврзани со историјата и јазикот, и покрај тоа што во 2019 година го промени уставното име како дел од Договорот од Преспа со Грција.

Македонија останува во групата земји што демонстрираат политичка волја и континуиран институционален напредок, но без значителен исчекор што би го придвижил процесот кон отворање на нови кластери во преговорите.

Според податоците, земјата бележи 100 процентна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и со санкциите кон Русија, како и потпишано партнерство со ЕУ во областа на одбраната и безбедноста.

Во извештајот се нотира и активно учество во регионалните иницијативи како ЦЕФТА, Заедничкиот регионален пазар и Планот за раст на Западен Балкан, како и континуирана имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Во економскиот дел, се потенцира стабилен банкарски сектор и умерен раст на БДП, пристапување во СЕПА, подобрувања на пазарот на труд и спроведување на програмите за вработување на млади. Дополнително, се поздравува назначувањето на членовите на Фискалниот совет и усвојувањето на Законот за јавна внатрешна контрола.

Во областа на дигитализацијата, се бележи напредок во дигиталниот идентитет, електронските регистри и системите за е-набавки, како и развој на стратегии за сајбер-безбедност и дигитална трансформација.

Извештајот ја нотира и зголемената вклученост на земјата во програмите Horizon Europe и COST, спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација, воспоставувањето на Центар за дигитални иновации, како и примената на шемата за гаранција за млади.

Во инфраструктурниот и енергетскиот дел, Европската комисија бележи напредок во проектите на коридорот 8 и 10 Д, усвојување на новиот Закон за енергија и спроведување на Планот за праведна транзиција.

Во споредба со другите кандидати, Црна Гора е оценета како најнапредна земја со оценка „A“, Албанија добива „A-“, Молдавија и Украина се оценети со „Б+“ и „Б“, додека Србија и Босна и Херцеговина добиваат „Д“ поради политички кризи и застој во реформите. Грузија е оценета со „Ф“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ