понеделник, 22 декември 2025

Зоре Темелковски: Балканската калдрма сепак ќе биде модерен автопат

Објавено на

часот

Сподели

Како бизнисмен, со децении работите на подобрување на соработката со Бугарија. Основач сте и на Македонско-бугарската комора. Кој и каде грешеше, греши, во тоа подобрување на севкупната соработка?

– Кога ја почнав бизнис-соработката со соседна Бугарија, некаде во раните 90-ти, времето за патување од Скопје до Софија беше речиси шест часа, немаше мобилни телефони, имејл, така што можностите за бизнис не беа како во денешни услови. Но стратегијата ми беше, дека соработката со земја што има пазарен потенцијал од 10 милиони и многу мала јазична бариера, ќе биде одличен пазар за освојување по веќе освоениот македонски пазар и секако нови можности, не само за профит и заработка, туку и за етаблирање на македонските брендови надвор од нашите граници.

Во 1993-та се случија големи политички генерациски промени и јас бев селектиран, пред сѐ од општеството и граѓаните, да бидам дел и од политиката, но и од спортот, како претседател на Кошаркарската федерација на РМ. Контактите што ги имав преку спортот и познавањето на соседна Бугарија многу ми помогнаа да ја зголемам меѓусебната доверба помеѓу двете држави.

Денес од политиката може сите да кажуваат приказни за првото признавање на Македонија од страна на Република Бугарија, на чело со Жељу Жељев, но малкумина го знаат тимот што макотрпно работеше, лобирајќи тоа да се случи час поскоро. Должен сум да кажам дека главниот лобист беше бизнисменот Димитар Евлогиев од Димитровград, сопственик на Компакт Димитровград. На средба во неговата банка беше отворен разговорот за признавањето. Екипа на интелектуалци, политичари и бизнисмени, помогнати од групацијата Мултигруп, секогаш беа братски настроени да помогнат да се забрза процесот и да добие вистински и нормален фер-тек.

На чело на таа делегација беше Соломон Паси, како и Стојан Денчев, Максим Минчев, Николај Валканов и Валентин Станков, кои и до ден денес се наши лобисти и значително помогнаа за влезот на Македонија во НАТО. Жалам што во последниов период никој не ги консултира овие личности и не ја продолжи соработката што ја негувавме сиве овие години.

Ако треба да кажам што требаше да се направи за да имаме мирен преговарачки процес и секако позабрзан, доволно е како основа и темел да се земеше договорот на премиерот Љубчо Георгиевски и премиерот Иван Костов, кои потпишаа документ што е единствениот документ што транспарентно и отчетно ги содржи сите ставки и сектори и беше јасно усогласен помеѓу двете држави.

Стереотипите од минатиот систем продолжија да ги практикуваат денешните големи олигарси, сѐ со цел да приграбат што повеќе од домашното богатство, а најголемото влијание го постигнуваат користејќи ги сопствените медиуми и групации, а сѐ со цел да се нема странска конкуренција при земањето на домашниот капитал и приватизацијата.

Тоа е најлошиот период, кој остави траги и последици и спречи влез на бугарскиот капитал, кој да беше поприсутен денес, целиов процес ќе добиеше еден полесен и попозитивен тек на работите.

За среќа, на мое големо залагање, ја основавме Македонско-бугарската комора, со која успеавме да ја интензивираме соработката и десеткратно да ја зголемиме економската размена, која последниве години надминува една милијарда, како и да придонесеме за нови бугарски инвестиции, кои во последниве пет години се околу 550 милиони евра.

Дали сметате дека е исправен овој концепт, кој се наѕира од новата премиерска двојка Ковачевски-Петков, да тераме со економската и културната соработка и размена, а чувствителните прашања да ги оставиме на страна и нека се решаваат меѓу историчарите без рокови и без политички притисок?

– Тотално се согласувам, не само јас, туку и сите наши членки, и затоа постојано сугерираме за што поразличен дијалог низ призмата на добрососедството, наместо стереотипи и предрасуди на едно минато време.

Се согласувате ли со оценката на некои бугарски влијателни личности дека уште од југословенско време се изградени некои негативни стереотипи и предрасуди кај Македонците во однос на Бугарите?

Ниту на Македонија, ни на Бугарија нема да ѝ донесе прогрес и просперитет навраќањето на тешките времиња од минатото, туку фокусот мора да биде кон иднината, во која ќе ја користиме силата на нашите соседи и заеднички ќе се надградуваме помагајќи си едни на други.

Но од ветото што Бугарија ѝ го става на Македонија за преговорите за членство во ЕУ, штетата е заемна, двете страни губат. Зошто тоа го направи Бугарија?

– Ако Бугарија остане на ставот за ветото и не се најде брз начин за надминување на проблемите, дефинитивно и двете земји ќе излеземе како губитници од целиот процес.
Сметам дека како и кај нас, и во Бугарија има одредени луѓе и структури што не сакаат да видат успех во процесот, но тоа мора да биде само мала препрека на преговарачите во иднина и никако не смее да биде прифатен ниту еден изговор за неуспех.

Што досега нѐ спречуваше да ја модернизираме, таа, како што велевте, балканска калдрма од Скопје до Софија и да ја направиме автопат? Или пак да ја изградиме железницата до Бугарија?

– Политичката стратегија на Македонија беше главен кочничар на овие два проекти, нормално под силен притисок и влијание на одредени олигарси, кои се залагаа нивните главни интереси на релацијата Белград-Скопје-Атина да продолжат, не мислејќи на доброто на целиот народ, туку трчајќи по личниот профит и успех.

Мојот денешен став е дека пругата веќе е нефункционален и стар проект без никаков економски ефект и наместо тоа треба да се изгради и да се поврзат двете земји со модерен автопат на релацијата Скопје–Софија-Истанбул, автопат што ќе ја засили нашата трговска размена и ќе им помогне на македонските компании.

Вие имате и бизнис во Бугарија. Имате проблеми? Како ви оди бизнисот таму?

– Имам повеќе бизниси со Бугарија и, како и секој претприемач, сум имал и позитивни и негативни искуства. Во Бугарија имав едно од најнепријатните искуства каде што не успеав да си го заштитам сопствениот капитал и бев нелегално спречен за стопанисување со мојот капитал од страна на ситни локални личности, но помогнати од корумпираниот судски систем.

A.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ