На протестот се истакнати повеќе пароли, а се носат и слики од Ќерими, како и од другите осудени лица. Неколку стотици граѓани тргнаа од плоштадот, поминаа под подвозникот под плоштадот и се движат кон Владата. Полиција го обезбедува овој протест.

Учесниците на маршот најавија дека во Канцеларијата на ЕУ во Скопје ќе поднесат барање за меѓународна истрага на неколку судски процеси кои завршија со пресуда, како што е и случајот „Алфа”, во кој се предудени три доживотно затворски казни и една на девет години. Меѓу осудените на доживотна затворска казна беше и Реџаил Ќерими.
Според учесниците на протестот, осудените се невини и сметаат дека станува збор за политички монтиран процес, а дека вистинските виновници за убивањето на еден полицаец Албанец, припадник на полициските „алфи” и ранувањето на двајца негови колеги Македонци, се на слобода.

Вооружениот напад се случи во 2008 година пред Природно математичкиот факултет во Скопје, а пресудите беа изречени во 2010 година.
За смртта на Ќерими се огласија и политичките партии на Албанците кои сметаат дека бил невин и дека е жртва на монтиран процес и дека Ќерими немал добри услови во затворот.
Партијата Алтернатива на крајот на минатата година како услово за влез во Владата побара меѓународна истрага на неколку судски процеси во кои се осудени Албанци, сомневајќи се во Јавното обвинителство и во судот.
П.Џ.






