На прашањето за импликациите од војната во Украина Ковачевски изјавил:
„Неиспровоцираниот напад на Русија врз Украина докажува дека членството во најголемиот светски одбранбен сојуз НАТО, е од огромно значење за секоја членка. Ние сме мала земја. Нашата безбедност ја гарантираат сите членки на НАТО, што има многу позитивни последици за нашето општество – исто така и за нашата економија. Затоа што странските инвеститори, особено оние од инфраструктурниот сектор, знаат дека се во безбедна земја, заштитена од НАТО”.
Тој се осврна и на, како што рече, континуираниот геостратешки интерес на Русија за Балканот.
„Западен Балкан отсекогаш бил од интерес за Русија. Нејзиното влијание преку медиумите, вклучително и преку некои политички партии, беше секогаш присутно. Русија има интерес од замрзнати конфликти на Балканот, кои им оневозможуваат на земјите да го изодат својот пат кон евроатлантските интеграции”, рече претседателот на Владата.
Во однос на дезинформациите околу војната во Украина кои, како што вели, се шират во Македонија оценува дека потекнуваат од трети земји кои не сакаат нашата земја да напредува и да се развива.
„Ова е јасно финансирано од Русија. Затоа членството во ЕУ е наша стратешка цел. Тоа нуди слобода на критичко размислување, социјална правда и економски просперитет. Тоа го сакаат и луѓето во Северна Македонија и во регионот”, истакнува за „Ди пресе” Ковачевски и ја информира австриската јавност дека Македонија во целост ја спроведува одлуката на Советот на Европа за забраната за емитување на руските медиуми „Спутник” и „РТ”.






